Каква иднина го очекува Универзумот?

Истражувачи од универзитетите во Портсмут и Рим пронајдоа знаци дека темната материја, која е всушност космичкото скеле на кое е изграден Универзумот, полека исчезнува, односно е проголтана од страна на темна енергија. Најновите податоци покажуваат дека темната енергија расте при интеракцијата со темната материја и ова најверојатно го успорува растот на структурите во космосот.

„Ова истражување е за Универзумот и неговата судбина“, вели професор Дејвид Вандс, директор на Институтот за космологија и гравитација во Портсмут.

„Ако темната енергија расте, а темната материја исчезнува, тогаш ќе ни остане голем, празен, досаден Универзум“.

Уште во доцните 1990-ти години, астрономите биле убедени дека нешто предизвикува нашиот Универзум побрзо да се шири. Наједноставното објаснување било дека празниот простор, вакуумот, имал енергетска густина која била „космолошка константа“ (константна темна енергија). Меѓутоа, има се повеќе докази дека овој едноставен модел не може да ги објасни астрономските податоци до кои истражувачите сега имаат пристап, особено за растењето на космичката структура, галаксиите и групите на галаксии, коешто се чини дека е помало отколку што се очекуваше.

Научниците ги споредувале податоците од многубројните астрономски истражувања и ги користеле конкретно податоците за растењето на структурата за да тестираат различни модели на темната енергија. „Сега имаме многу повеќе податоци од порано кои стандардниот модел не може да ги опише. Мислам дека развивме подобар модел на темната енергија“, вели Вандс.

„Истражувањето изгледа интересно. Мораме да го земеме предвид секој нов податок во секторот на темната енергија бидејќи многу малку е познато за истата“, вели професор Драган Хутерер од Универзитетот во Мичиген.

енаука.мк (реобјавена статија)

Поддржете ја нашата работа: