Прекрсните кањони што сега може да ги видиме на Марс веројатно не се формирале како последица на проток на вода – објави НАСА.
Досега се сметше дека овие кањони на површината на Црвената планета се издлабени од вода, но новите податоци ја исклучуваат таа можност.
Треба да се нагласи дка овие кањони се различни од каналите што беа откриени на Марс минатата година. Тие изгледаат како темни линии кои се формираат за време на топлите месеци, а се намалуваат во текот на зимата. Научниците открија цврсти докази дека тие се последица на проток на вода.
Од друга страна, кањоните се јавуваат на околу 30 до 50 степени географска ширина и на северната и на јужната хемисфера и повеќе личат на „длабоки канали“. За прв пат беа откриени во 2000 година кога се сметаше дека се показател за присуство на течна вода, бидејќи се слични како кањоните на Земјата кои се формираат под дејство на течност.
Но, во 2014 година НАСА откри докази дека тие сепак се формирале како последица на сезонското мрзнење на јаглероден диоксид, а не на течна вода и дека е малку веројатно дека на површината на Црвената планета има доволно вода за да може да издлаби вакви структури.
Научниците сепак останаа поделени околу ова прашање, а со оглед на тоа дека ниеден од роверите на Марс не се приблжил доволно до овие структури за да може да се направат анализи на нивниот минерален состав, не постоеа ниту дефинитивни докази.
Но, сега новото истражување што било фокусирано исклучиво на кањоните, покажува дека не постојат траги од вода во овие канали.
Истражувачите од Универзитетот Џон Хопкинс дошле до овој заклучок после проучувањето на податоците добиени од над 100 кањони од површината на Марс. Податоците се добиени од Орбиталниот истражувач на Марс, опремен со спектрометарот познат како „CRISM“ кој е во состоба да прави хемиски анализи преку мерење на брановата должина на електромагнетното зрачење што се емитува од примерокот.
Истражувањата покажале дека нема знаци за присуство на вода или нејзини нуспродукти, што значи дека е малку веројатно водата одиграла улога во нивното формирање.
Тоа сепак не значи дека водата воопшто не била присутна, туку едноставно дека ја немало во поновата историја.
Иако сѐ уште не може да се каже што ги формирало овие кањони, барем една од хипотезите е исклучена. Да се надеваме дека со сѐ поголемиот број на податоци ќе добиеме подобри сознанија за тоа како сегашните геолошки процеси ја обликуваат површината на Марс, особено бидејќи се надеваме дека еден ден ќе се населуваме таму.
Наодите од истражувањето се објавени во „Geophysical Research Letters“.