Каскадно одлучување во социјалните мрежи

Како луѓето се однесуваат на социјалните мрежи? Како социјалните мрежи влијаат на мислењата, постапките и одлуките на поединците? Може ли математиката да даде одговор на овие прашања?

„Начинот на кој мислењата, одлуките и постапките се шират во мрежата е фундаментален социјален феномен. Последните неколку декади покажаа дека овој феномен може да се проучува преку математички модели“, вели Флафио Чиричети ко-автор на истражувањето објавено во списанието „SIAM Journal on Computing“.

На едно ниво, овие процеси имаат заеднички елементи со биолошка зараза, односно и тие, исто како заразата, се шират во мрежата. Меѓутоа, на друго ниво се сосема различни, односно ширењето на постапките се заснова на индивидуални одлуки и како такво може да покаже многу повеќе и многу посложени постапки, отколку кај биолошката зараза, каде што механизмот е многу подиректен.

Луѓето на социјалните мрежи често меѓусебно си влијаат во донесувањето на одлуки, што допринесува нивните избори да бидат многу поврзани, што предизвикува каскадно донесување на одлуки. Истражувачите се фокусирале на проблемот на „подредувањето“ на каскадите, што како крајна цел има да се добијат што повеќе „наклонети одлуки“.

Успехот на каскадното одлучување во голема мера зависи од „тајмингот“ односно правилното распоредување на времето. Авторите, во овој труд, наведуваат алгоритам за овој проблем, адаптиран од една рамка која широко се користи во економската теорија и сметаат дека овие ефекти на „тајминг“ се потенцијална стратегија за катализирање, односно забрзување на каскадата.

„Често, каскадните постапки на социјалните мрежи се предводени од некој ентитет кој сака да постигне одреден исход, како на пр. одредена компанија која сака да пласира некој производ на пазарот, или пак политичко движење кое се обидува да го насочи успехот на пораката којашто сака да ја пренесе на населението“.

Едно прашање, кое се’ уште претставува предизвик е разбирањето на начинот на кој локалните својства на индивидуалната одлука се пренесуваат во глобални својства на целосна каскада, како што постапките се шират низ целата мрежа. Каскадите од овој вид се чувствителни во однос на редоследот по кој луѓето ги донесуваат одлуките, бидејќи на пр. последиците од некои рани одлуки може да се зголемат, поради ефектот кој го имаат на остатокот од популацијата.

Поддржете ја нашата работа: