Карактерен профил на зависниците од социјални мрежи

Како да знаете дали вашата навика за користење на социјалните мрежи се претвора во зависност?

Многумина не се свесни дека зависноста од социјални медиуми вистински постои и може да влијае на секое поле од нашиот живот. Денес и покрај огромниот пораст на темната страна на информатичката технологија, релативно малку истражувања се посветени на зависноста од истата.

Иако карактеристиките и особините на една личност играат важна улога во развивањето на други видови на зависности, сè уште не се знае точно кои особини на карактерот може да се поврзат со зависноста од социјалните медиуми.

Неодамна тим истражувачи од „Binghamton University“ во Њујорк реши подлабоко да навлезе во ова прашање за да дознае повеќе за современата зависност од социјални медиуми.

„Има многу истражувања за тоа како интеракцијата на одредени особини на личноста влијае врз различни зависности, меѓу кои алкохолот и дрогата. Ние сакавме да примениме слична рамка за да дознаеме повеќе за зависноста од социјалните мрежи“, потенцираше тимот истражувачи.

Научната студија била водена под палката на Исак Вагети и Хамед Кари-Сареми, коишто со цел да добијат релевантни податоци, започнале испитување во кое вклучиле повеќе од 300 студенти. Тие ги испитувале учесниците за нивната употреба на социјалните мрежи, но, исто така, ги испитувале и други прашања за дознаат повеќе за нивните особини како личности.

Истражувањето се засновало на пет-факторниот модел на личноста, што претставува рамка која се користи во психологијата уште од 1980-те. Петте карактеристики кои во различни количини се сочинети кај една личност се невротицизам, отвореност, екстроверзија, совесност и соработливост.

Главната цел на студијата била да се открие која/кои од овие особини на личноста може да се поврзе со поголема веројатноста една личност да развие зависност од социјални медиуми.

Тимот открил дека три од петте карактерни особини – невротицизам, совесност и соработливост – се особено поврзани со зависноста од социјални мрежи. Но, како што забележува Вагети, ова е сложена и комплицирана тема бидеќи станува збор за човечкиот мозок и не е можно да се има едноставен пристап.

Оттаму, како што тимот истражувачи го продлабочувал своето истражување, така пронаоѓал посложени врски. Наодите од истражувањето беа претставени на 51. Меѓународна конференција за наука на системите која се одржа на Хаваи.

Невротицизам и совесност

Истражувачите откриле дека, самостојно, особините на личноста на невротичност и совесност имаат директни негативни и позитивни ефекти врз веројатноста за развој на зависност од социјални мрежи.

Односно, невротичноста, која значи колку една личност е подложна да чувствува вознемиреност и стрес, ги зголемува шансите за зависност од социјалните медиуми, а совесноста, која значи колку една личност може да ги контролира своите импулси и да ги постигне своите цели, ги намалував шансите за зависност од социјалните медиуми.

Но, кога се тестирале заедно, се открило дека невротицизмот создавал умерен ефект на совесноста. Сепак, бидејќи некој може истовремено да биде и високо невротичен и совесен, истражувачите откриле дека, дури и ако некој е способен да практикува самодисциплина и редовно да истрае во постигнувањето на целите, фактот дека тој, исто така, можат да биде стресно и вознемирено лице, често ја надминува самоконтролата.

Овој модераторски ефект може да предизвика совесен човек да има поголема веројатност да развие зависност од социјалните медиуми.

Соработливост и совесност

Тимот научници во однос на соработливоста, која значи колку е некој љубезен, услужлив, сочувствителен и добар пријател, потенцираат дека сама по себе не прави голема разлика во ризикот за една личност да развие зависност од социјални медиуми.

Меѓутоа, онаму каде што соработливоста и совесноста се појавиле како комбинација биле забележани други резултати. Се покажало дека луѓето коишто во својата личност имале високо ниво на соработливост и совесност, исто така, имале зголемен ризик од зависност од социјални медиуми.

Овде спаѓаат пријателските и совесни луѓе коишто активно трошат повеќе време на социјалните медиуми, бидејќи тие се грижат да ги негуваат врските со пријателите и семејството и имаат тенденција да веруваат дека добиваат вистинска корист од социјалните медиуми.

Токму овој наод ги изненадил научниците, бидејќи тие сметаат дека тоа би можело да биде поврзано со „рационална зависност“. Имено, оваа зависност не би била резултат на ирационалност или недостаток на контрола на импулсот, како што, всушност, често се дефинира зависноста. Напротив, овие личности ќе ја развиваат својата зависност преку рационален и добронамерен процес.

Тимот истражувачи се надева дека врз основа на оваа студија, луѓето ќе ја разгледаат целата слика кога станува збор за тоа како особините на личноста влијаат врз зависноста од социјалните мрежи.

Извор: Pharma News

 

Поддржете ја нашата работа: