Кинеските научници велат дека можат да клонираат луѓе

Кинеската компанија „Boyalife Group“, која воедно е одговорна за изградбата на најголемата фабрика за клонирање, вели дека веќе ја има технологијата којашто е потребна за да се клонираат луѓе, но дека не ја користи само поради јавната перцепција.

Компанијата во моментов гради огромна фабрика во Тјенцин, Кина, која се очекува да почне со работа во текот на следните неколку месеци и се предвидува дека до 2020 година ќе клонира по 1 милион крави секоја година.

Но, според извршниот директор, компанијата нема да запре само на клонирање на добиток. Компанијата има намера да произведе чистокрвни коњи за тркање и кучиња, и исто така соработува со партнер од Јужна Кореја и со Кинеската Академија на науките за да го подобри својот капацитет за клонирање на примати.

Оттука, не е тешко да се замисли следниот чекор – клонирање на луѓе. Од компанијата велат дека во моментов нема никакви активности за клонирање на луѓе, главно поради стравот од негативна реакција на јавноста. Но, социјалните вредности се предмет на измени, особено во однос на тоа кога луѓето имаат поголем избор за репродукција.

Компанијата гледа на клонирањето како заштита на биолошката разновидност и планира во новата фабрика во Тјенцин да има банка на гени кој ќе складира до 5 милиони примероци на гени во течен азот и ќе служи како каталог на загрозени видови, со надеж за нивно регенерирање во иднина.

Поддржете ја нашата работа: