Кина ја гради најголемата фабрика за клонирање

Кина го гради најголемиот центар за клонирање, лоциран во градот Тјенцин. Ако се оди според планираното, објектот би требало да почне со работа кон средината на 2016 година. Овој проект, кој чини 500 милиони американски долари, првенствено ќе се фокусира на производство на клонирани ембриони на добиток наменет за храна.

Објектот кој е со големина од 14.000 квадратни метри се гради под водство на кинеската компанија за биотехнологија „Boyalife Group“. Во почетокот ќе се произведуваат 100.000 ембриони годишно, а се очекува подоцна производството да порасне на 1.000.000 ембриони, што би требало да задоволи 5 проценти од годишното кинеско производство на добиток.

Според изјаваата на извршниот директор на компанијата за „The New York Times“, продукцијата на клониран добиток ќе и помогне на месната индустрија на Кина да го зголеми производството, бидејќи локалните фармери не можат да произведат доволно добиток за да ги задоволат потребите на пазарот.

Покрај клонирање за производство на говедско месо, се планира објектот да служи и за клонирање на разни други жвотни, меѓу кои и кучиња трагачи, кучиња за домашни миленичиња па дури и тркачки коњи. Креаторите исто така веруваат дека фабриката за клонирање би можела да биде од голема корист во зачувувањето на загрозените видови од исчезнување.

Клонирања на животни за производство на месо и млечни производи се вршат насекаде во светот, иако со помал обем. Во земјите како САД и Велика Британија за да се врши клонирање потребни се специјални дозволи или одгледувањето се врши за други цели, а не за храна.

Сепак, некои кинески аналитичари сметаат дека иако клонирањето би можело да биде корисно за загрозените животни, масовното производство на добиток за храна нема да биде исплатливо.

Поддржете ја нашата работа: