Психопати и социопати се популарни термини во психологијата кои ги опишуваат насилните чудовишта како Ханибал Лектор во „Кога јагнињата ќе стивнат“, Норман Бејтс во „Психо“ или Декстер од истоимената серија. Популарната култура исто така ги користи овие зборови за да ги популаризира и опише лицата со вакво анти-социјално нарушување на личноста во нашата колективна свест.
Психопатите и социопатите навистина постојат и се кријат меѓу нас. Понекогаш се дури и најуспешните луѓе во општеството, бидејќи често се немилосрдни, нечувствителни и површно шарматни, без грижа за чувствата и потребите на другите.
Овие се познати како „успешни“ психопати бидејќи имаат тенденција да извршуваат злосторства со предумисла и пресметан ризик. Или пак, може да изманипулираат со некој друг за да го прекрши законот, додека тие самите се држат на безбедно растојание. Тие се вешти манипулатори на чувствата на другите луѓе, но самите не се способни за емоции.
Стапката на распространетост на овие лица се движи некаде помеѓу 0,2% и 3,3% од популацијата, па многу е веројатно да знаете барем едно вакво лице.
Која е разликата?
Психопатите и социопатите имаат голем број на заеднички карактеристики, вклучувајќи недостаток на каење или емпатија за другите, недостаток на чувство на вина или способност да преземат одговорност за своите постапки, непочитување на законите или социјалните конвенции и склоност кон насилство. Суштинската карактеристика и на двете е измамничката и манипулативна природа. Но, како може да ги разликуваме?
Социопатите вообичаено се помалку емоционално стабилни и високо импулсивни, односно нивното однесување е попроменливо во споредба со психопатите. Кога извршуваат некаков вид на злосторство (без разлика дали е насилно или не) тие делуваат импулсивно, немаат трпение и не планираат детално.
Психопатите, од друга страна, ќе го испланираат своето злосторство да најмалиот детаљ и ќе преземат пресметан ризик за никој да не ги забележи. Нив не ги понесува моментот и како резултат на тоа прават помалку грешки. Оние паметните дури и намерно може да остават некоја трага која води до нивно препознавање.
Многу психолози се’ уште дебатираат за тоа дали воопшто има разлика помеѓу психопатите и социопатите, но оние кои ги разликуваат се согласуваат за едно нешто – психијатрите го користат терминот психопатија за да илустрираат дека причината за анти-социјалното нарушување на личноста е наследна. Социопатијата го опишува однесувањето кое е резултат на повреди на мозокот, злоупотреба или занемарување во детството.
Психопатите се раѓаат, социопатите се прават! Во основа, нивната разлика ја рефлектира дебатата за природата наспроти воспитувањето.
Постои особено интересна поврзаност меѓу сериските убијци и психопатите или социопатите, иако се разбира, не сите психопати и социопати стануваат сериски убијци и не сите серијски убијци се психопати или социопати.
Федералното биро за истраги на САД (ФБИ) забележа одредени заеднички особини на познати сериски убијци и овие анти-социјални нарушувања на личноста. Тие вклучуваат предаторно однесување (на пример, Иван Милат кој ги ловел и убил своите 7 жртви); барање на сензација (на пример хедонистички убијци кои убиваат за задоволство и возбуда, како 21-годишниот Томас Хеминг кој во 2014 година убил две лица за само да види како ќе се чувствува); недостаток на каење; импулсивност и потреба за контрола над другите (како Денис Рејдер, американски сериски убиец кој убил 10 лица од 1974 до 1991 година, откако претходно ги врзал и ги мачел).
Истражување на конкретен случај
Убиството на Морган Хаксли од Сиднеј од страна на 22-годишниот Џек Келсал кој веројатно ги покажувал сите знаци на психопат, ги нагласува разликите помеѓу психопатите и социопатите.
Во 2013 година, Келсал го следел 31-годишниот Хаксли до својот дом и го нападнал прободувајќи го 28 пати. Тој не покажал никакво каење за своето злосторство, кое е екстремно насилно и со предумисла.
Токму тоа го прави психопат бидејќи иако убиството е дивјачко, Келсал покажал трпение и планирање. Една година пред да го изврши убиството, на својот психијатар му ги споделил фантазиите за убиство на странец, само поради возбудата што сакал да ја почувствува.
Без оглед на неговиот мотив и без разлика на тоа дали се родил или станал таков, овој случај е пример за најлошиот можен исход од анти-социјалното нарушување на личноста – бесмислено насилство на случајна жртва поради самозадоволство. За време на неговото судење, тој не покажал знаци на каење, вина и извинување. Тој е психопат кој доколку не бил уапсен ќе продолжел да убива. Тој бил всушност бил во процесот на станување сериски убиец.
Па, дали воопшто е важна разликата помеѓу психопатот и социопатот? И двајцата се опасни и може да предизвикаат хаос во животите на луѓето, или едноставно да го поминат животот меѓу луѓе кои не се ни свесни за влијанието што тие го имаат врз нивниот живот.
Оргиналната статија е објавена во „The Conversation“.