Магнетното поле на Земјата не само што ја одредува локацијата на Северниот и Јужниот пол, туку исто така и овозможува неверојатно моќна заштитна бариера која не штити од штетните соларни ветрови и радијација, поради што нашата планета е погодна за живот.
Но, се досега, никој не знаел колку всушност се стари овие геолошки сили кои го одржуваат магнетното поле и колку долго тоа овозможува живот на Земјата.
Механизмот во внатрешноста на нашата планета кој го генерира магнетното поле е наречен динамо и го опишува движењето на течно железо во рамките на надворешното јадро.
Внатрешното јадро на Земјата е направено од цврсто железо, но надворешното е течно и начинот на којшто се движи – заедно со ротацијата на Земјата, ја штити Земјата од космичките честички. Научниците со децении се обидуваат да ги објаснат врските помеѓу надворешното и внатрешното јадро, но тоа е тешко со оглед на огромната топлина, длабочина и притисок.
Сега, научници од Германија решиле да ја симулираат термалната поврзаност помеѓу овие два слоја на јадрото, а притоа да ги имитираат условите што се однесуваат на јадрото, бидејќи е невозможно да се стигне во негова близина и да се извлечат примероци. Нуачниците проучувале колку ефикасно железото ја спроведува топлината во екстремни услови и откриле дека железото има релативно ниска спроводливоста на топлината, што значи дека останува повеќе енергија за да се одржува магнетното поле, што е во согласност со ставот дека магнетното поле на Земјата постои најмалку 3,4 милијарди години.
Овие резултати силно им противречат на теоретските пресметки според кои железото спроведува многу топлина.
Но, сепак, има уште многу работи кои не ги знаеме за термалните процеси во јадрото на нашата планета и природата на овој вид на истражувања значи дека откритијата остануваат хипотетички.
Истражувањето е објавено во „Nature“.