Кондоми на иднината

Кондомите од хидрогел може наскоро да станат новите „гумички на иднината“ способни да се борат против ХИВ, а во исто време да се попријатни и полесни за користење.

Податоците од Светската здравстена организација (СЗО) покажуваат дека во 2014 година 36,9 милони луѓе во светот живееле со ХИВ, како и два милиони новодијагностицирани случаи, кои нетретирани ќе доведат до СИДА. Главниот пат на ширење е преку небезбеден секс. И покрај тоа што алтернативната терапија (АТ) овозможи оваа претходно фатална состојба да се претвори во хронична болест, сепак околу 1,2 милиони лица починале минатата година како последица од СИДА.

Веќе е познато дека кондомите не се многу омилени, а многу луѓе се и алергични на латекс. Само 5% од мажите во светот ги користат, иако се 98% ефикасни како превенција од несакана бременост, како и од ширењето на сексуално преносливи болести, меѓу кои и ХИВ.

Додека повеќето кондоми се направени од латекс, новиот кондом од хидрогел е направен од вода која е поврзана со помош на цврсти молекуларни ланци наречени полимери. Хидрогелот веќе има голема примена, вклучувајќи ги и контактните леќи, пастите за заби и геловите за туширање.

Новиот кондом од хидрогел е дело на д-р Махуа Чудхури, доцент на Колеџот за фармација во Тексас. Чудхури е една од 54-те кандидати, избрана помеѓу 1.700 пријавени за наградата на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, која финансира индивидуалци од целиот свет, со цел решавање на глобалните здравствени проблеми. Овој пат предизвикот е кондом кој не е на база на латекс.

Исто како и кондомите од латекс и овој кондом штити од несаканата бременост и сексуално преносливите болести, но благодарение на еден антиоксидант на растителна основа наречен кверцетин, тој поседува анти ХИВ својства кои можат да помогнат во борбата против оваа болест. Чудхури верува дека овој кондом во иднина може радикално да ја промени борбата против ХИВ. Во непожелни ситуации, антиоксидантот би се ослободил и би го спречил ширењето на ХИВ, вели Чудхури. Покрај тоа, кверцетинот делува и како стимуланс за зголемување на сексуалното задоволство со тоа што ја поттикнува релаксацијата на мазната мускулатура, обезбедува поголем проток на крв во регијата и го одржува нивото на азот- оксидот. Ова му овозможува на мажот да ја одржи ерекцијата, со што се постигнува и подобрување на севкупното сексуално искуство.

Но, и покрај тоа што Чудхури и нејзиниот тим веќе создале кондом во кој е внесен антиоксидантот, тие сѐ уште треба да откријат со која брзина тој ќе се слободува од кондомот – дали ќе се ослободува автоматски или тоа ќе биде под дејство на притисок. Ова би требало да се утврди во следните истражувања.

Затоа не ги отфрлајте сѐ уште кондомите од латекс, затоа што веројатно ќе поминат години додека овој кондом да ги помине стандардните тестирања од Американската администрација за храна и лекови и да се најде во продажба.

Поддржете ја нашата работа: