Коњите можат да читаат и помнат човечки емоции

Една нова студија покажала дека коњите можат да читаат човечки емоции, а исто така и да го запамтат човечкото расположение.

Овие животни исто така реагираат позитивно на оние луѓе кои претходно ги виделе како се смеат, додека се внимателни со оние на кои се сеќаваат дека биле сериозни. Откритијата се темелат на некои претходни истражувања кои покажале дека коњите можат да ги препознаат човечките емоции читајќи од нивните лица.

“Во принцип, коњите имаат меморија за емоции”, вели Карен МекКомб, лидер на претходно споменатото истражување и професор на Универзитетот во Сасекс.

„Интересно е да се забележи дека коњите имаат силна реакција на негативните изрази кај луѓето повеќе отколку кај позитивните. Ова би можело да се должи на тоа што животните имаат изразено чувство за опасност во средината, па налутениот израз го перципираат како опасност или закана“, вели Ејми Смит од Универзитетот во Сасекс, лидер на новото истражување.

Истражувачкиот тим направил тестови на коњи во неколку штали во Велика Британија (во окрузите Сасекс и Сари), покажувајќи им големи слики на вкупно 28 коњи, од кои 21 кобила.

Коњите на кои им била прикажана фотографија од налутен човек, обично ја набљудувале истата со левото око, што испраќа информација до десната хемисфера од мозокот, каде што се обработува потенцијалната закана.

На оние коњи на кои им биле прикажани фотографии од насмеан човек, ја набљудувале фотографијата подолго време со десното око, кое е поврзано со дел од мозокот, специјализиран за позитивни реакции.

„Можни се повеќе објаснувања за ова откритие. Веројатно коњите имаат наследено способност за препознавање на емоциите кај другите коњи, од нивните предци, па со текот на еволуцијата способноста ја пренеле и во препознавањето на емоции кај луѓето. Интересно е што тие можат да направат прецизна евалуација на негативните емотивни изрази кај луѓето и покрај целосно различната морфологија на лицата на другите животни и луѓето“, – вели проф. Меккомб.