Копенхаген ќе постави паметни семафори

Властите во данскиот главен град Копенхаген ќе поставуваат „паметни“ семафори, кои предост им даваат на поеколошките превозни средства.

Акцискиот план за интелигентен транспортен систем, како што официјално се нарекува, очигледно има за цел да им овозможи побрз транспорт на оние кои користат велосипед или јавен превоз.

Локалните власти веруваа дека ако ги стимулираат жителите да не ги користат автомобилите, ќе успеат да го остварат својот план Копенхаген до 2025 година да стане град без јаглерод диоксид. Сите поставени семафори ќе бидат поврзани со интернет, ќе  собираат и анализираат податоци и ќе ги враќаат назад во централната контролна табла.

Сегашната светлосна сигнализација која е во употреба цели 35 години сега ќе биде заменета со 380 интелигентни семафори низ целата метропола. Од проектот кој ќе чини 47 милиони круни (околу 7 милиони долари) корист ќе имаат и автомобилите, бидејќи ќе овозможи и побрз автомобилски проток, но не во толкава мера како автобусите и велосипедите.

Според официјалните лица, патниците во автобусите би требало да го скратат времето на превоз за 5 до 20 проценти, додека  велосипедистите во просек за 10 проценти.  Податоците за својата позиција автобусите ќе ги испраќаат во главната мрежа, што ќе им овозможи на семафорите да знаат каде се наоѓа секој од нив и според тоа да се усогласат (на пример ако автобусот доцни, светлосната сигнализација ќе помогне тој да забрза).

Новата технологија ќе го подобри и веќе постоечкиот „зелен бран“, односно ќе им овозможи на велосипедистите кои се движат со константна брзина од 19 км/час да поминуваат низ градот без запирање, благодарение на временското усогласување на семафорите. Надградениот хардвер ќе содржи и сензори кои ќе го детектираат бројот на велосипедисти кои се приближуваат кон обележените велосипедски патеки и според тоа ќе прават корекција. Ако во меѓувреме временските услови се влошат, семафорите можат да ја успорат брзината на велосипедистите.

Иако сѐ уште не е точно утврдено кога новата технологија ќе биде целосно инсталирана и пуштена во употреба, ако во блиска иднина се најдете во престолнината на Данска, можеби ќе биде подобро да изнајмите велосипед, наместо автомобил.

Поддржете ја нашата работа: