Многу животински видови кои живеат во длабочините на морето, каде допира многу малку сончева светлина, мораат да развијат посебни механизми за преживување. Веќе е познато дека коралите имаат прекрасни, флуоресцентни бои и дека живеат во заедница со алгите. Меѓутоа, постојат корали кои живеат во големи длабочини и имаат сјајна портокалова и црвена боја.
Во студијата која е објавена во списанието Proceedings of the Royal Society B, научниците успеале да ја откријат нивната тајна за прилагодување во мрачна околина. Биолозите од Универзитетот Саутемтон од Велика Британија дошле до сознание дека коралите сјаат со цел да добијат повеќе сончева светлина.
Лидерот на студијата, биологот Јерг Виденмен објаснува како протеините кои се наоѓаат во коралите ја впиваат и таа мала сончева светлина која успева да дојде до нив, а потоа ја ослободуваат истата со светло портокалова и црвена боја. Таа светлина продира длабоко во нивното ткиво каде живеат нивните сојузници, односно морските алги. Потоа алгите произведуваат енергија и храна за коралите.
Овој соживот помеѓу алгите и коралите трае милиони години. Коралите им обезбедуваат засолниште и заштита, а алгите за нив светлината ја претвораат во храна. Длабото во нивното ткиво се наоѓаат мали протеини кои ја впиваат сончевата енергија и ја претвораат во зеленкаст сјаен штит. Така коралите кои живеат непосредно под морската површина можат да заштитат од силна сончева светлина.
Две децении научниците ја истражуваа идејата, како коралите од длбочините на морето можеле да им пружат заштита на коралите од поплитките води за време на големи жештини. Мислеле дека ларвите на корали од помалите длабочини можеле да преживеат доволно долго во длабочините за да положуваат потомство блиску до површината кога се нормализира температурата, но проф. Виденмен смета дека тие не би можеле да се прилагодат на услови во кои има малку светлина.