Крај на Еболата

Вакцината против ебола покажала 100 процентна заштита во испитувањата направени на терен во тешко погодената Гвинеја – беше објавено во петокот од истражувачите и официјалните лица, најавувајќи го „почетокот на крајот“ на убиствената епидемија што ја зафати западна Африка.

Според СЗО, околу 28.000 луѓе од Гвинеја, Сиера Леоне и Либерија беа заразени, а повеќе од 11.000 починаа во најголемата епидемија на ебола во досегашната историја.

Вакцината „VSV-ZEBOV“, може да стане првата лиценцирана вакцина против оваа болест, за која досега нема одобрен третман или лек.

Испитувањата покажале дека „вакцината обезбедува 100 процентна заштита од ебола после приближно една недела“, вели истражувачот Свен Трел од Универзитетот во Берн.

Тестирањето, кое било поддржано од фармацевтската компанија „Мерк“, СЗО и владите на Канада, Норвешка и Гвинеја, е направено на 4.123 високо ризични лица, кои биле вакцинирани непосредно откако некој од нивната најблиска околина се разболел од оваа смртоносна хеморагична треска.

Никој од вакцинираната група не бил заразен со вирусот – според резулутатите од студијата што беа објавени во списанието „The Lancet“.

Во втората, споредбена група, 3.528 лица примиле вакцина после три недели од потенцијалната изложеност на вирусот. Шеснаесет од нив се заразиле со вирусот додека биле незаштитени, но до шестиот ден после имунизацијата, сите од групата биле исто така целосно заштитени.

„Ниеден од вакцинираните не развил симптоми на болеста после шестиот ден од вакцинацијата, независно дали вакцинирањето било извршено веднаш или подоцна“- се вели во извештајот од истражувањето.

Првичните резултати од истражувањето покажуваат дека вакцината може ефикасно да го спречи понатамошното ширење на вирусот на ебола“- се додава во изјавата од Универзитетот во Берн, којшто придонел во истражувањето.

Ова беше примено со воодушевување од експертите виролози ширум светот.


Поддржете ја нашата работа: