Крионика – како функционира оваа контроверзна метода?

Одлуката на Врховниот суд на САД да дозволи терминално болна тинејџерка да биде замрзната ги интензивираше дебатите околу оваа контроверзна процедура.

Покрај етичките аргументи, експертите се сомневаат и во успешноста на процедурата.

Експертот за крионика д-р. Дејвид Шо вели дека „е малку веројатно“ мозокот на лицето што се замрзнува да ја преживее процедурата.

Сепак, стотици луѓе досега се подложени на оваа постапка, а илјадници се регистрале за крионика, со надеж дека напредната медицинска технологија после нивната смрт ќе им овозможи втора шанса за живот.

„Alcor Life Extension“ во Аризона, моментално има 148 замрзнати лица – 104 мажи и 39 жени и 1.100 членови.

Меѓу пациентите се наоѓа и 73-годишниот психолог д-р. Џејмс Бедфорд, првиот човек што бил замрзнат со оваа метода во 1967 година.

Неговото тело, кое прво било замрзнато во „Cryonics Society of California“, па потоа префрлено во „Alcor“ во 1987 година, наводно е во добра состојба.

Постдипломецот од Универзитетот во Бристол, Кормак Сичоу, кој починал во декември 2015 година на 27-годишна возраст, е исто така подложен на оваа метода. Сичоу се поврзал со американската компанија само два дена пред неговата смрт за да може неговото тело да биде пренесено од Велика Британија во САД, како 142-ри пациент на „Alcor“.

Меѓу другите пациенти на „Alcor“ е и извесен Роналд Селкович кој бил замрзнат во 2015 година, откако неговата сопруга и мајка исто така биле подложени на оваа процедура, потоа, еден пациент кој сам се застрелал во главата во 2014 година и извесен Мајкл Луис Фридмен кој починал во 1992 година од рана од куршум во главата.

Како се изведува процедурата?

Компаниите за крионика ја почнуваат постапката во најраниот можен момент откако пациентот легално ќе се прогласи за мртов.

Постојат неколку минути откако ќе запре работата на срцето додека настапи мозочна смрт, што според „Alcor Life Extension“ „отвора можност“ вештачки да се воспостави циркулација на крвта.

Кога состојбата на пациентот ќе стане критична, медицинскиот персонал е на „чекање“, да ја започне процедурата за одржување на животот во првите моменти веднаш после смртта.

Првичната постапка за транспорт на пациентот опфаќа:

  • Ставање на пациентот во када со ледено студена вода и воспоставување на циркулацијата на крвта и дишењето со помош на апарат за вештачко дишење.
  • Воспоставување на интравенски линии и внесување на лекови за заштита на мозокот и за одржување на крвниот притисок за време на вештачката циркулација, за да се спречи оштетување на мозочното ткиво.
  • Хируршко пристапување до феморалните артерии и вени и поставување на пациентот на кардиопулмонален бајпас, што значи дека крвта циркулира низ надворешна (срце-бели дробови) машина.

Процедурата е слична на таа што ја користат хирурзите при транспорт на донирани органи.

stream_img

После оваа првична процедура, температурата на пациентот се намалува до неколку степени над точката на смрзнување на водата, кога крвта се заменува со раствор за презервација  на органите, специјално направен да го одржува животот на ниска температура.

Потоа, кога пациентот ќе пристигне во крионичкиот центар:

  • Големите крвни садови се поврзуваат на систем за циркулација од страна на доктор.
  • Раствор за заштита, сличен на тој што се користи при транспорт на органи, циркулира низ телото на пациентот на температура блиску до 0 степени Целзиусови, неколку минути за да се испере сета преостаната крв.
  • Концентрацијата на растворот се зголемува на 60% во текот на два до три часа.
  • Температурата, притисокот и концентрацијата на растворот константно се мониторираат.
  • Визуелното мониторирање на мозокот се врши преку две мали дупчиња на черепот и инјекција со боја, за да се провери дали има оток или некакво друго оштетување на мозокот.
  • Пациентот потоа се лади со азот до температура од -124 степени Целзиусови, што е можно побрзо, за да се избегне создавањето на било какви ледени формации. За ова обично се потребни три часа.
  • Пациентот продолжува да се замрзнува во наредните две недели до температура од -196 степени и постојано се мониторира преку инструменти за детекција на пукнатини што може  да се случи при ладење на вакви температури.
  • Замрзнатиот пациент потоа се поставува во течен азот на температура од -196 степени, во посебен вакуумски изолиран оддел, кој се обновува на неколку недели.

Оваа сложена процедура, за која е потребно долгорочно одржување е многу скапа и само презервацијата на главата чини околу 70.000 долари, а целото тело 200.000 долари.

Извор: „ITV News“.

Поддржете ја нашата работа: