Дали сте знаеле, на пример, дека кучињата не се навистина слепи за бои, дека можат да сочувствуваат со вас, па дури и да ви помогнат да најдете љубов? Тие се исто така и „неверојатно паметни“ – иако можеби не на начин на којшто мислите.
Видеото на „AsapScience“ можеби ќе ви открие некои нови сознанија.
Еве што се вели во видеото:
Кучето – најдобриот пријател кој секогаш ќе ви го чува грбот.
Истражувањата покажале дека машките имаат 3 пати поголеми шанси да добијат телефонски број од девојка, ако покрај себе имаат куче.
Ви се случува ли понекогаш да почувствувате дека кучето едноставно ве „разбира“. Се чини дека и луѓето и кучињата реагираат на емоционалните звуци. Кога вашето куче ќе слушне дека плачете или се смеете, одговорот во нивниот мозок е сличен како и кај човекот. Всушност, тие го интерпретираат вашиот плач исто како цимолење од друго куче. Тоа можеби ќе ве натера да го погалите вашиот пријател.
Дали сте знаеле дека кучињата често се виткаат како топка кога спијат за да ја сочуваат телесната топлина и да ги заштитат најосетливите органи во стомакот од напаѓачи.
Ако не сте секогаш тука за да ги погалите, оставете им алишта што мирисаат на вас, тоа ќе им ја ублажи вознемиреноста од разделбата.
Иако мислите дека вашето куче е најпаметното куче, психолозите за животни веруваат дека повеќето кучиња се паметни колку и двегодишно дете. Кучињата можат да разберат повеќе од 150 збора, да бројат до пет и да забележат едноставни грешки како 1+1= 3.
Кучињата, исто така се способни да решат просторни проблеми; можат да ја одредат локацијата на скриен предмет, како нaјбрзо да стигнат до паркот и да научат како работат разни механизми, како квака на вратата или едноставни машини.
Кучињата не се потполно слепи за бои, како што мислат многу луѓе. Но за разлика од трите специјализирани рецептори за бои во очите што ги имаат луѓето за да ги разликуваат боите, кучињата имаат само два. Поради ова тие гледаат црна, бела, сина и жолта, но нивниот мозок не може да ги распознае црвената и зелената боја, па ги гледаат како сива боја.
Од 75 милиони домашни кучиња во САД, најпопуларни се лабрадорите, но за најинтелигентни раси кучиња се сметат Бордер коли (Бордерски овчар), пудлите и Германскиот овчар. Сепак, ова се мерки на интелигенција кога ги споредуваме со нас, но кучињата се извонредно паметни на друг начин. Веројатно знаете дека кучињата можат да намирисаат дрога, но дали сте знаеле дека кучињата можат да почувствуваат напади (грчеви), да осетат ниско ниво на шеќер во крвта и да намирисаат рак. Во едно истражување, кучињата биле во состојба да идентификуваат 30 од 32 случаи на рак на простата, само со мирисање на урината на учесниците. Се верува дека високо софистицираното чувство за мирис кај кучињата може да детектира варијации и присуство на непостојани органски состојки.
Нивното чувство за мирис е од 10.000 до 10.000.000 пати посензитивно од човечкото, во зависност од расата. Течноста што се излачува од нивниот нос им помага да ги намирисаат хемикалиите во тенкиот слој од влажната лигавица во нивниот нос. Всушност, дишењето кај кучињата е различно од мирисањето. Мал набор од ткиво го разделува протокот на воздух, во зависност од тоа дали се работи за дишење или мирисање. Тоа им овозможува исто така да ги намирисаат феромоните во воздухот, што им помага да одредат и лоцираат можност за парење.
И над сето ова, луѓето навистина ги сакаат кучињата. Едно неодамнешно истражување покажува дека кучињата го активираат истиот хормонален одговор што не поттикнува да ги сакаме и да се грижиме за нашите бебиња. Ако на ова се надоврзат истражувањата што покажуваат дека го намалуваат стресот и вознемиреноста, станува јасно зошто кучињата станале толку важен дел од нашите животи. Тие се навистина најдобри пријатели и на мажите и на жените.