Едно неодамнешно истражување од Универзитетот во Хелсинки покажува дека кучињата систематски ги гледаат изразите на лицето кај луѓето, најчесто во очите, што всушност е многу слично на начинот на кој ние ги гледаме другите лица. Покрај тоа, изразот на лицето кај луѓето го менува нивното однесување при гледањето, особено кога се работи за израз што укажува на закана.
Во истражувањето учествувале 30 кучиња од 13 различни раси. Тие биле соодветно истренирани да седат мирни пред монитор, истражувачите им пуштале различни изрази од други кучиња и од луѓе и притоа го следеле погледот на кучињата за да откријат како тие ги гледаат емоционалните изрази.
Кучињата прво гледале во регионот околу очите и во просек подолго ги испитувале очите отколку носот и устата. Одредени карактеристики кај одредени видови им го привлекувале вниманието, како на пример устата кај други кучиња кои ги гледале како закана. Но, сепак, се чинело дека кучињата ја засноваат својата перцепција за емоциите врз изразот на целото лице.
Заканувачките лица особено им го одвлекувале вниманието, што може да е резултат на еволутивен адаптивен механизам – способност за детектирање и избегнување опасност кој им помага да преживеат. Интересно е тоа што кучињата подолго ги гледале заканувачките изрази од други кучиња, додека заканувачките изрази од луѓето ги игнорирале.
Ова толерантно однесување спрема луѓето може делумно да ги објасни резултатите. Припитомувањето можеби предизвикало способност за детектирање на заканувачките сигнали од луѓето и одговарање на истите со попуштање, т.е. игнорирање, објаснуваат истражувачите.
Ова е првиот доказ за гледање поврзано со емоции кај непримати, што воедно е во согласност со Дарвиновиот поглед на емоциите кај животните.
Истражувањето е објавено во „PLOS ONE“.