Лажењето кај децата – знак за когнитивен напредок

Уште додека се мали, сите ние ги учиме децата дека не треба да лажат. Но, според едно неодамнешно истражување, способноста на децата да научат да лажат е важен дел од процесот на учење и претставува пресвртница во развојот – исто како кога ќе научат да одат или да зборуваат.

Истражување спроведено од Канг Ли, професор по психологија на Универзитетот во Торонто, покажува дека лажењето почнува многу рано – околу 30% од децата на 2-годишна возраст се обидуваат на некој начин да ги излажат своите родители. Исто така, лажењето се забележува кај 80% од 4-годишните деца и кај речиси сите деца на 5-7 годишна возраст.

Со други зборови, лажењето не е ништо чудно кај малите деца. Всушност, оние деца кои измислуваат лажни приказни имаат когнитивна предност во однос на оние кои постојано ја кажуваат вистината.

„Лажењето се состои од две работи. Првата работа е да се разбере што се наоѓа во умот на другиот – што тој знае, а што не знае, за да може да се излаже. Оваа способност се нарекува теорија на умот. Децата кои се подобри во оваа теорија, подобро лажат“, објаснува д-р Ли.

„Втората работа е извршната функција, односно способноста да се планира однапред и да се ограничат несаканите дејства. 30-те проценти од децата под 3-годишна возраст кои знаат да лажат имаат повисока способност за оваа извршна функција, особено способност да го спречат поривот за кажување на вистината и да се префрлат на лажење“, објаснува докторот.

Ваквата когнитивна софистицираност значи дека овие мали лажговци ќе бидат поуспешни на училиште, како и при односите со другите деца.

Но, иако д-р Ли со децении знаел дека децата кои се подобри во теоријата на умот се и подобри лажговци, не знаел која од овие две работи доаѓа прва, односно дали може да се предизвика децата да лажат откако ќе ја научат теоријата на умот или обратно?

За таа цел тој спровел експеримент при кој заедно со тим на истражувачи од Канада, САД и Кина, поделил 58 деца на предучилишна возраст во 2 групи, откако претходно ја тестирал нивната интелигенција, способноста за лажење, како и извршната функција.

Половина од децата имале 6 сесии на обука за теоријата на умот, а другата половина 6 сесии посветени на вештините за решавање на проблеми.

По завршувањето на сесиите, истражувачите откриле дека децата од првата група станале значително подобри во лажење и тие ефекти траеле еден месец. Тој го објавил своето истражување во „Psychological Science“ и планира да го продолжи за да увиди до кога ќе траат ефектите.

Затоа, тој советува: „Немојте да се вознемирувате првиот пат кога вашето дете ќе ве излаже. Тоа е всушност повод за славење – момент на учење кога треба да се објасни што е лага, а што е вистина, како и последиците кои лажењето ги има на другите луѓе“.

Поддржете ја нашата работа: