Лендерот Фили конечно пронајден

Европската вселенска сонда Розета го лоцираше изгубениот лендер Фили, заглавен во „темна пукнатина“ на кометата, објави Европската вселенска агенција.

Камерите на Розета конечно успеале да направат слики од лендерот на кометата 67П/ Чурјумов – Герасименко, на кои јасно се гледа телото и две од трите нозе на Фили.

На 12 ноември 2014 година, Фили влезе во историјата откако после пат од 6,5 милијарди километри, закачен за Розета, се откачи и го започна 7-часовното спуштање кон кометата 67П, со брзина од околу 250 км/час.

По слетувањето, два пати се одби од површината и заврши во сенката од една карпа, што значеше дека нема да добива доволно светлина за полнење на соларните панели.

Неговите батерии се потрошија 57 часа по слетувањето, но шест месеци подоцна, кога кометата се приближи до Сонцето, Фили повторно се врати во живот и уште еднаш испрати порака до Земјата, пред повторно да падне во хибернација.

Бидејќи кометата 67П се оддалечува од Сонцето и се движи кон орбитата на Јупитер, ќе има сѐ помалку соларна енергија за напојување на инструментите на Розета.

Затоа Европската вселенска агенција планира да ја заврши мисијата со тоа што споро и контролирано ќе ја спушти сондата на кометата, на 30 септември – пишува „Gizmodo“.

Раководителот на проектот Розета, научникот Мат Тејлор вели дека овој потфат ќе биде потежок и од самото спуштање на Фили, и додава дека пронаоѓањето на Фили е добар, мал бонус кон нивните планови за завршување на мисијата.

philae-partsПодатоците од Розета и Фили веќе им помогнаа на научниците подобро да ја разберат природата на кометите и нивната улога во развоојт на раниот универзум. Целосната анализа на податоците се очекува да биде завршена за една година.

Поддржете ја нашата работа: