Фосилизирани останки на мажи, жени и деца кои покажуваат јасни знаци на насилно масакрирање беа откриени во Кенија, што сугерира дека луѓето учествувале во војна најмалку пред 10 илјади години.
Ова откритие се смета за најраниот научно докажан знак за човечки конфликт, а тоа е особено важно бидејќи научниците се’ уште не се сигурни како почнала војната и организираното насилство кај нашиот вид, кои за жал сега се голем дел од нашите животи. Дали биле предизвикани од нешто во нашата еволутивна историја, или едноставно биле дел од чувството на сопственост што дошло заедно со земјоделството?
Новите докази потекнуваат од 27 нецелосни скелети на едно племе ловци-собирачи, кои се чини дека биле брутално убиени и непогребани. Останките биле пронајдени на местото наречено Натарук, кое се наоѓа на 30 км западно од езерото Туркана во Кенија. Со помош на радиојаглеродно датирање одредено е времето на смрт некаде пред 9.500 и 10.500 години.
Научниците од Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, на коските откриле докази за екстремни повреди, како силни удари, скршеници, лезии од стрели и пукнатини од камени проектили, а четири скелети биле пронајдени во позиција која укажувала дека им биле врзани рацете.
Овој масакар можеби бил резултат на обидот да се преземат ресурсите – територијата, жените, децата, како и храната која ја одгледувале. Но, во таквите случаи, според досегашните историски докази, обично биле убивани само мажите, а жените и децата ги преземала победничката група, што не е случајот тука, бидејќи се пронајдени скелети и од жени и од деца. Од анализираните 27 примероци, 21 биле возрасни и тоа 8 мажи, 8 жени, 6 деца и 5 кои се’ уште не може да се потврдат.
Научниците не успеале да најдат многу докази за тоа кој ги убил, но откриле 2 врвови од стрела или копје направени од обсидиан – црна вулканска карпа која не ја користеле други племиња од тој период во тој регион. Тоа би можело да значи дека другото племе живеело на некое друго место, но за жал најверојатно нема никогаш да дознаеме.
Ова не е првиот доказ за насилен конфликт кај нашите предци, но е најстариот, па можеби ќе дознаеме нешто повеќе од понатамошните истражувања.
Истражувањето е објавено во „Nature“.