Една од наградите на меѓународниот натпревар за дизајн од Сан Диего, Калифорнија – CLUE (Community Lighting for the Urban Environment) им припадна на три студентки од Македонија.
Симона Тасевска, апсолвент на индустриски дизајн на Mашински факултет, Ирена Милојеска и Христина Секулоска кои се студенти на Aрхитектонски факултет во Скопје, се добитници на пофалница и почесно споменување за нивната светлосна инсталација на старата железничка станица во Скопје, која ја ревитализира другата половина која беше урната во земјотресот.
На натпреварот пристигнале 222 проекти од 51 различни земји, додека жирито кое е составено од седум меѓународни членови додели три награди и три пофалници за најкреативните проекти.
Студентките за Радио МОФ велат дека поради тоа што факултетите на кои студираат не дозволуваат многу слобода која би ја користеле за проекти надвор од факултативните обврски, за прв пат се нашле во ситуација каде натпреварот бара услов за тимска работа која е поврзана со креативните области во кои работат.
„Базата која што ја искористивме за формирање на овој тим е блиската врска помеѓу индустрискиот дизајн и архитектурата. Покрај тоа што се поврзавме на професионално ниво веќе предолго време сме поврзани и приватно. Ефектот на признанието на ваков конкурс од светско ниво кое го добивме на вака рана возраст, силно не мотивира да ги развиваме нашите способности во уште поголема мера“, вели Симона Тасевска.
За почесните награди студентките од Македонија се нашле во конкуренција со тимови од Јужна Кореа, Канада, Америка и Европа. Подоцна овој април ќе се одржи главната церемонија во Сан Диего, Калифорнија каде што на голема изложба ќе бидат изложени победничките проекти, меѓу кои ќе биде и нивниот.
Текстот е превземен од radiomof.mk и комплетната статија со дополнитени информации можете да ја погледнете на следниот линк