На филмовите постојано гледаме како кучињата ги намирисуваат мртвите тела на човечките жртви. Едно ново истражување ни открива како го прават тоа.
При распаѓањето, човечкото тело ослободува одредена мешавина на хемикалии, која научниците може да ја искористат за подобро да ги тренираат кучињата или пак дури и за да развијат машини кои би го правеле истото.
Истражувачите веќе со децении се обидуваат да го откријат „мирисот на смртта“. Едно истражување од 2004 година, од една истражувачка станица во Тенеси, ги проценувало гасовите кои се ослободуваат при процесот на распаѓање. Едно друго истражување од Грција, ги проучувало раните фази на распаѓањето. Оттогаш, листата на органски соединенија кои се ослободуваат за време на распаѓањето расте, но постојат конфликти извештаи за тоа кои од тие соединенија се ослободуваат само од луѓето.
Во 2010 година, тимот за идентификација на жртви во Белгија, побарал помош од аналитичкиот хемичар Ева Кајперс и нејзината форензичка лабораторија на Универзитетот во Лувен, Белгија, за да го пронајдат најдобриот начин за да ги тренираат кучињата да го препознаваат мирисот на човечки труп.
Така, тие го започнале истражувањето со тоа што ставиле примероци од ткиво и органи од 6 човечки трупа во тегли и ги поставиле во плакарот во лабораторијата. На капачињата од теглите имало мали дупки кои им овозможувале на научниците периодично да земаат примероци од гасовите кои се собирале во теглата. Потоа поставиле и примероци од свиња, глушец, крт, зајак, желка, жаба и птица.
Во истражувањата најчесто се користат примероци од свињи поради сличностите со луѓето – ги имаат истите микроби во цревата, истиот процент на масти во телото и слични влакна како луѓето. Но, досега не било познато дали се распаѓаат на истиот начин, бидејќи никогаш не биле проучувани примероци од свињи и луѓе под идентични услови, и токму поради тоа ова истражување има особена важност.
Научниците потоа ги идентификувале соединенијата во гасовите и ги споредиле меѓу сите видови. Во текот на 6 месеци, пронашле 452 органски соединенија. На почетокот, се чинело дека видовите се разликуваат по соединенијата кои содржат сулфур, но тие не биле присутни кај луѓето, а подоцна и исчезнале. Соединенијата наречени естери, кои се дел од животинските масти, биле поветувачки. На крајот, се покажало дека човековите и свинските останки се разликуваат по 8 соединенија од останатите, а 5 естери ги разделувале свинските од човечките.
Следниот чекор на научниците е да откријат дали истите соединенија се присутни и кај закопаните целосно распаднати тела, како и дали кучињата кои ќе бидат тренирани со овие соединенија побрзо ќе ги откриваат човечките тела.
Истражувањето е објавено во „PLOS ONE“.