Мистеријата на осамените ѕвезди

Поголемиот дел од ѕвездите во Универзумот го поминуваат својот живот во парови, со сопатници покрај себе – односно во т.н. бинарен систем. Во овие бинарни системи, двете ѕвезди орбитираат околу својот заеднички центар на гравитација.

Но, неодамна се појавија древните „RR Lyrae“ ѕвезди кои од мистериозни причини го поминуваат својот живот сами. Овие ѕвезди се едни од најстарите во космосот кои биле сведоци на потеклото и еволуцијата на ѕвездените системи, како нашиот Млечен Пат. Нивната очигледна осаменост отсекогаш ги интересирала астрономите.

Сега, едно неодамнешно истражување предводено од чилеански астрономи покажува дека тие не се толку осамени како што претходно се мислело. Истражувачкиот тим тврди дека идентификувал 20 бинарни системи на „RR Lyrae“ ѕвезди, од кои 12 имаат доволно мерки за да се заклучи дека навистина се состојат од две ѕвезди.

Истражувачите користеле метод кој се нарекува „временски ефект на патување на светлината“ кој ги испитува разликите во времето кое и е потребно на ѕвездената светлина да стигне до нас.

„RR Lyrae“ ѕвездите пулсираат редовно притоа значително зголемувајќи ја својата големина, температура и светлина, а потоа намалувајќи ја, во рок од само неколку часа. Кога една пулсирачка ѕвезда е во бинарен систем, промените во светлината кои ќе ги забележиме може да се резултат на местото на кое ѕвездата се наоѓа во орбитата околу својот сопатник. Така, на светлината и е потребно повеќе време за да стигне до нас кога се наоѓа на најодалечената точка од својата орбита, и обратно. Овој ефект го забележавме кај нашите потенцијални бинарни ѕвезди – вели Гергели Хајду, главниот истражувач.

Истражувачите ги засновале своите мерења на податоците објавени од полскиот проект „OGLE“, а тие пак ги добиле своите податоци со помош на 1.3 Варшавскиот телескоп, кој се наоѓа во опсерваторијата Лас Кампањас во северниот дел на Чиле. Потенцијалните 20 бинарни системи биле пронајдени при анализирањето на околу 2000 „RR Lyrae“ ѕвезди кои се наоѓаат околу централниот дел на Млечниот Пат. Тоа е околу 5% од оние ѕвезди кои ни се познати.

Бинарните системи што истражувачите ги откриле имаат орбитален период од неколку години, што значи дека не се многу блиску со своите сопатници. Можно е да постојат бинарни ѕвезди и со подолги периоди, но не можат да се донесат такви заклучоци од сегашните податоци.

Ова е значајно откритие за астрофизиката бидејќи астрономите сега ќе можат да ги искористат информациите од овие бинарни системи за директно да ги измерат нивните физички својства, со што се отвораат можности за уште нови откритија. Потенцијалните бинарни системи дополнително ќе се истражуваат со софистицирани техники како спектроскопија и астрометрија.

Поддржете ја нашата работа: