Од ноември 2015 година, вкупно 54 лица во Висконсин се заразиле од мистериозен вид на бактерија наречена „Elizabethkingia anophelis“ и 15 од нив починале.
Минатата недела, Одделот за здравство на Висконсин потврди 4 нови случаи, објавувајќи дека инфекциите се потврдени во 12 од вкупно 72 окрузи на Висконсин досега.
Ако бактеријата дојде до крвотокот, може да предизвика треска, отежнато дишење, целулитис (бактериска инфекција на кожата), а во најлошите случаи и сепса, што може да биде смртоносно особено кај пациентите со веќе постоечки болести или намален имунолошки систем.
Повеќето од пациентите кои починале од оваа бактерија биле над 65-годишна возраст и имале и други веќе постоечки болести.
Научниците не се сигурни како се пренесува оваа бактерија, бидејќи е распространета во животната средина, но обично не предизвикува болест кај луѓето. Генетската анализа покажала дека инфекциите потекнуваат од еден извор кој некако ги инфицирал луѓето од 12 различни окрузи од јужните и југо-источните делови од државата.
Во моментов не е познат изворот на инфекциите, но Одделот за здравство напорно работи за да го спречи нивното проширување.
Научниците се сомневаат дека можно е водата од чешмите да е контаминирана, но досегашните тестови не покажале никаков знак на контаминација, што остава простор за огромен број на потенцијални ризик фактори, вклучувајќи ја храната, лековите и животната средина.
Бактеријата е откриена во 2011 година во утробата на комарците, но досега немало цврсти докази за нејзино пренесување на луѓето на ваков начин.