Истражувачите откриле дека мравките пренесуваат хемиски сигнали меѓусебно преку размената на плунка. Усната течност од мравките од видот „Camponotus floridanus“ содржи хемикалии кои би можеле да помогнат да се хомогенизира мирисот на мравките во колонијата, па дури и да влијае на растот на нивните ларви – објаснуваат истражувачите во една студија објавена во „eLife“.
„Порано се сметаше дека мравките се вклучуваат во размената на плунка само како начин за споделување на храна. Но, размената се случува и во друг контекст, како на пример кога една мравка по изолација, повторно ќе се сретне со друга мравка од истото гнездо. Па затоа сакавме да видиме дали разменетата на течност содржи молекули кои им дозволуваат на мравките да пренесуваат други хемиски пораки едни на други, а не само храна“ – изјавува Ричард Бентон од Центарот за интегративна генетика на Универзитетот во Лозана, Швајцарија.
За да одговорат на тоа прашање, истражувачите морале да најдат начин да ја соберат плунката од мравките, а тоа не е лесна задача. Случаите на разменување се случуваат брзо и е невозможно да се предвидат, со што не е можно да се чекаат и да се видат.
Најпрво тимот се обидел со хранење на мравките со раствор на шеќер и привремена изолација од останатите мравки, но ова за жал не довело до зголемено споделување на плунката. Сепак истражувачите откриле дека мравјата усна течност може да се менува поради хранењето со шеќер или од ефектите на изолација.
Затоа тимот дошол до поинаков пристап. Тие ги анестезирале мравките привремено со јаглерод диоксид,а потоа нежно ги притискале за да испуштат малку од плунката. Потоа тие ја споредувале оваа течност со плунката при методот на сахароза, содржината на стомакот и циркулаторната течност за да бидат сигурни дека станува збор за истата усна течност која се предава за време на размената.
Потоа тие користеле масена спектометрија, со цел да се идентификуваат компонентите на течноста. Тие пронашле многу повеќе од само храна – мравјата плунка содржела голем број на протеини, 64 микроРНА и долги синџири на јаглеводороди кои може да помогнат во пренесување на мирисот на колонијата на индивидуални мравки, што е важен сигнал за идентификација и социјална интеракција.
Сепак, ова истражување не можело да докаже дека размената на течност директно влијае на имунологијата на мравките.
Многу од протеините во усната течност на мравките се поврзани со варењето, а најмалку 10 се вклучени во регулирањето на растот и развојот. Ова е важно бидејќи со размената на течност мравките ги хранат ларвите, па присуството на хормонот за раст во нивната плунка може да игра улога во развојот на ларвите.
„Нашите наоди укажуваат на тоа дека во основа размената е приватен канал за комуникација кој мравките го користат за насочување на развојот на нивните млади, нешто слично како што е млекото кај цицачите“- додава Бентон.
Оригиналната статија е објавена во „ Live Science“.