Најскапиот материјал на светот

Научниците од Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија соопштија дека лабораторијата „Designer Carbon Materials“ произведува ендофулерени и дека неодамна го продале првиот примерок од овој материјал за 32 илјади американски долари за 200 микрограми (еден микрограм = еден милионити дел од грам), или една третина од тежината на човечкото влакно.

Тоа значи дека само еден грам од овој материјал изнесува неверојатни 145 милиони долари.

Ендофулерените се специфични јаглеродни наноструктури кои за прв пат се откриени во 1985 година и се состојат од фулеренски кафез направен од 60 атоми на јаглерод, во кој се заробуваат атомите на неметали или поедноставни молекули, како азот, фосфор и хелиум.

Тие се екстремно скапи, посебно кога содржат атоми на азот, бидејќи имаат потенцијал да го сменат начинот на кој го мериме времето, поради подолгиот живот на нивниот електронски спин. Научниците ја истражуваат можноста за нивно користење кај атомските часовници – најточните системи за одржување на времето на светот, а во иднина очекуваат да можат да се користат за подобрување на точноста на најразлични уреди.

Доколку научниците успеат да ги намалат размерите на атомските часовници до големина на чип, тие ќе може да се инсталираат во мобилните телефони и GPS уредите, при што би можеле да обезбедуваат милиметарска точност.

Поддржете ја нашата работа: