Наскоро полицијата ќе може да прави фотороботи само со анализа на ДНК

Во последниве неколку години, научниците навлегоа во корените на луѓето преку поврзување на нивниот физички изглед со нивната ДНК. Малите разлики во ДНК на луѓето, познати како единечни нуклеотидни полиморфизми, може да помогнат во предвидувањето на нивните физички карактеристики. Некои карактеристики, како на пример бојата на очите и косата, може полесно да се предвидат од останатите.

Во септември оваа година, полицијата од Флорида објави фоторобот на маж кој со години тероризирал девојки, а полицијата не можела да го уапси. Но, фотороботот не го нацртал полициски уметник, бидејќи никој никогаш не го видел лицето на злосторникот, туку полицијата го купила од компанијата „Parabon NanoLabs“ која го направила според анализата на ДНК, која злосторникот ја оставал на местата на злосторствата. Компанијата користела технологија при која само со анализа на ДНК може да се конструира изгледот, односно одредени карактеристики на лицето.

Доколку инспекторите би можеле да користат ДНК за да го предвидат изгледот на криминалците, би им било многу полесно да ги следат и затворат. Покрај тоа, поборниците на оваа технологија веруваат дека би можела да помогне да се открие изгледот на античките луѓе – одамна загубените предци, па дури и на Неандерталците. Некои дури замислуваат и можност идните родители да го видат изгледот на своето неродено бебе.

Но тоа е се’ уште само далечен сон. За жал, во реалноста, се’ уште не е доволна само ДНК за да се предвиди изгледот на една личност, бидејќи карактеристиките на лицето се обликуваат од стотици или илјадници гени, од кои секој има многу мали ефекти. Научниците дури сега започнаа да ја совладуваат оваа технологија, а голем дел од генетиката на лицето им е се’ уште непознат.

Косата, очите, бојата на кожата, како и етничката припадност се релативно лесни за утврдување. Но генетските корени на другите карактеристики, како висината и обликот на лицето се расфрлани насекаде низ човечката ДНК и е многу тешко да се утврдат. Затоа, некои научници сметаат дека досегашните предвидувања на изгледот не се доволно добри.

Со оваа техника за реконструкција на изгледот на лицето, од крв, сперма и плунка може да се утврди бојата на очите и косата со најголема точност од 80 до над 90 проценти. А сега, научниците на овој систем ја додадоа и бојата на кожата со речиси ист процент на точност. Иако оваа технологија се’ уште не е доволно развиена и не може да идентификува поединци, може да се користи за исклучување на осомничени, а во меѓувреме се’ повеќе да се развива.