Научник на денот: Паскал Сотировски

Во 1950 година, Сотировски станува редовен студент на Групата за физика на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето во 1957 година, се вработува како професор по физика во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Во 1960 година, по неколку години поминати во скопската гимназија, Сотировски бил назначен за асистент по астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а веќе во наредната 1961 година бил испратен на специјализација по астрофизика во Сорбона, Париз.

Дипломирал астрофизика во 1964 година, а во 1971 година докторирал на тема од областа на физиката на Сонцето. По докторирањето тој станува член на Францускиот Национален центар за научни истражувања и член на Одделението за соларна и планетарна астрономија на Франција. Сотировски останува на Сорбона.

Во Опсерваторијата во Медон крај Париз, д-р Паскал Сотировски своето истражување го насочува на изучувањето на зрачењето што потекнува од површината на Сонцето. Спектроскопијата на Сончевите дамки и Сончевите ерупции, влијанието на Сонцето врз Земјата и емитувањето на неутрината, стануваат негова главна животна преокупација. Како резултат на ова истражување, тој објавува таблици на спектрите од двоатомни молекули присутни на сончевата површина. Своите трудови тој ги објавува во сите научни списанија ширум светот и држи предавања во Америка, Индија, Јапонија, Русија.

Д-р Сотировски за својата научна работа се стекнува со високи признанија во светските научни кругови. Иако станува научник од светски ранг, оддржувал контакти и доаѓал во Македонија. Во 1991 година тој бил избран за член на МАНУ, надвор од работниот состав.

Посебно бил заинтересиран за рудникот „Алшар“. Во него тој ја барал потврдата на неговите истражувања, а со тоа и одговорот на прашањето кои со векови ја окупира научната јавност. Според д-р Паскал Сотировски во рудникот Алшар лежел клучот за разрешување на вечната тајна на Сонцето.

Тој како и другите научници се интересирал што точно се случува во центарот на Сонцето, а единствената честичка која за тоа можела да даде одговор бил неутриното. Меѓутоа, за да се улови оваа фантомска честичка, без маса и полнеж, која на земјата доаѓа со брзина на светлоста и за која нема препрека, а со тоа и да се дознае во која фаза се наоѓа сончевото јадро, била потребна ретката руда на талиумот, лорандитот, кој се наоѓа токму во рудникот „Алшар“. 

Според Д-р Сотировски кога едно неутрино ќе погоди атом на талиум доаѓа во претворање на атомот на талиум во атом на олово, и со доколку се избројат промените на атомите на олово во рудата ќе се добие бројот на неутрина што имале интеракција со талиумот.

Во 1990 ја основал фондацијата која го носи неговото име, за подршка на младите и талентирани умови од Македонија.

Починал на 20 февруари 2003 година во Париз.

Убава статија за Д-р Сотировски најдовме на следниов линк.

Поддржете ја нашата работа: