Конвенционалните суперкомпјутери можат да прават неверојатни, речиси незамисливо сложени пресметки, но тие се многу скапи, трошат многу енергија, многу се загреваат и обично се огромни по величина.
Едно откритие од еден меѓународен тим на истражувачи отвора можност за создавање на биолошки суперкомпјутер со големина на книга, кој наместо електрони ќе користи протеини за пренос на информациите во микрочипот.
Прототип чипот што тие го креирале е со големина од 1,5 см. квадратни. На него се изгравирани каналчиња што наликуваат на патната мрежа во градовите. Наместо електрони што се движат со помош на електрично полнење, како што е случајот со традиционалните микрочипови, низ овие патишта се движат кратки протеински нишки. Протеините се напојуваат преку супстанцијата аденозин трифосфат (АТФ), што го овозможува преносот на енергијата во клетките кај живите организми.
Научниците го тестирале овој концепт на математички проблем – биолошкиот агенс во микрочипот да ги обработи пресмететките на своите движења внатре во колото.
Иако има уште многу работа пред да можат овие „живи“ компјутери да влезат во употреба, истражувачите истакнуваат дека поради тоа што се мали, со екстремно ниска потрошувачка на енергија и минимално загревање, ова може да доведе до развој на нова генерација мали одржливи суперкомпјутери кои се способни за паралелни пресметки – што е главната одлика на традиционалните суперкомпјутери.
„Тешко е да се каже кога во целост ќе бидат спремни овие биокомпјутери. Една од опциите е нашиот уред да се комбинира со конвенционалните комлутери и да се создаде хибрид што ќе служи за решавање на покомплексните проблеми“ – вели биоинжинерот Дан Николау од Универзитетот МекГил во Канада, кој во соработка со истражувачи од Германија, Шведска и Холандија работел на овој концепт повеќе од една деценија.
Истражувањето е опишано во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.