Научниците го открија клучниот ген за одгледување храна во вселената

Ако се примени и на други растенија, овој ген би можел да биде клучниот фактор што ќе им овозможи на растенијата да преживеат во вселената, како на Меѓународната вселенска станица (МВС) или дури и во затворените живеалишта на Марс.

Билката за која станува збор се нарекува „Nicotiana benthamiana“ (Бентамов тутун). Проучувајќи ги фосилните записи нучниците откриле дека билката опстојува во суровите австралиски услови скоро 750.000 години.

Оваа билка исто така покажува уникатна способност да прима вируси и гени од други видови без да ги отфрли, што ја прави многу погодна за лабораториски експерименти. Поради ова, со децении се користи во лабораториски генетски истражувања и служи како модел растение на кое може да се тестираат вируси и вакцини.

Досега научниците не успеале да откријат што ја прави ова билка толку приемчива за нови гени. Истражувачите од Универитетот Квинсленд конечно успеале да го откријат генот кој го oвозможува ова. Благодарение на истиот ген, растението успеало да преживее во лошите климатски услови во Австралија толку долго време.

Овој ген потполно ја потиснува потребата растението да се бори против патогените. Иако ова на прв поглед се чини дека е лошо, тоа му овозможува на растението да ја насочи целата енергија во раст и билката да расте исклучително брзо.

Недостаток на имунолошки систем би бил погубен за културите на Земјата. На обичните фарми тие веднаш би биле нападнати и уништени од патогени, но според истражувачите ова е идеално за стерилни услови, како што се лабораториите или вселената.

Научниците веќе експериментираа со одгледување на култури на МВС и минатиот август ја вкусија нивната прва салата (Свежа салата од вселената – енаука.мк). Во моментов работат на подесување на брановата должина на свеtлината со која би се активирала фотосинтезата и би се поттикнал растотот на билките.

Научниците се надеваат дека во иднина ќе можат да ја внесат генетската мутација од овој тутун во други култури со што ќе се зголеми нивното производство за кратко време и потенцијално ќе се овозможи снабдување на астронаутите со свежа храна за кратко време.

Има уште доста работа пред да може овој ген да се внесе во другите култури. Секако, тука е и отпорот што луѓето го покажуваат кон генетски модифицираната храна, но ако тоа е единствената опција брзо да се обезбеди храна за колониите на Марс, можеби нема да има толку забелешки.

Истражувањето е објавено во „Nature Plant“.

Поддржете ја нашата работа: