„Ја направивме најмалата светлика на светот“, велат истражувачите. Овој нов вид на светилка може да се интегрира на чиповите, со што ќе се постави основата за реализирање на тенки, флексибилни и транспарентни екрани, како и оптичка комуникација заснована на графен.
Создавањето на светлина во мали структури на површината на еден чип е од клучно значење за развој на целосно интегрирани „фотонски“ кола кои со светлина го постигнуваат истото она што сега се постигнува со електрична струја во полупроводнички интегрирани кола. Научниците досега развиле многу пристапи за ова, но никако не можеле да постават извор на светлина (т.е. сијалица) на чип. Тоа било така првенствено поради фактот што нишките на сијалицата мора да бидат екстремно топли (илјадници степени Целзиусови) за да светат во видливиот спектар, а малите метални жици не можат да ги издржат тие температури. Покрај тоа, при преносот на топлината наоколу доаѓало до оштетување на чипот.
Тaка, научниците прикачиле мали ленти од графен на метални електроди и пуштиле струја низ нив за да се загреат. Емитирана светлина достигнувала температура до 2500 степени Целзиусови, што е доволно за да биде видлива дури и со голо око. Способноста на графенот да постигне толку висока температура без да се стопат супстратите или металните електроди се должи на едно негово интересно својство – како што се загрева, графенот спроведува помалку топлина. Тоа значи дека температурата е ограничена само на една мала точка во центарот.
Научниците во моментов работат и понатаму за да ја окарактеризираат работата на овој уред, како на пр. колку брзо можат да се вклучат и исклучат за да се создадат „битови“ за оптичка комуникација или пак за да се развијат техники за нивно интегрирање во флексибилни супстрати. Ова е само почетокот на можните примени на овие структури, велат тие.
Истражувањето е објавено онлајн на „Nature Nanotechnology“.