Научниците открија нови досега непознати лимфни садови во мозокот

Научниците од САД откриле нова група на  лимфни садови во телото кои го поврзуваат мозокот со имунолошкиот систем. Претходно, истражувачите сметаа дека ваква врска не постои.

Ова откритие не само што  може да предизвика ревизија на учебниците, туку може да доведе и до нови сознанија за тоа како нашиот имунолошкиот систем влијае на нашиот мозок и на нашето однесување.

Откривањето на новите лимфни садови за прв пат беше објавено во списанието „Nature“ минатата година, но помина главно незабележано надвор од невронаучните кругови.

Но откритието повторно стана актуелно минатата недела кога истражувачите покажаа дека имунолошкиот систем може да го контролира нашето социјално однесување преку овие садови.

Лимфниот систем е составен од лимфни садови кои ги пренесуваат белите крвни зрца и другите имунолошки клетки во нашето тело. Служи како врска помеѓу ткивата и крвотокот и помага да се отстранат мртвите крвни клетки и другите отпадни материи.

Со децении научниците беа убедени дека мозокот нема лимфни садови и дека воопшто нема директна поврзаност со имунолошкиот систем. Заедно со мозочно-крвната бариера, се сметаше дека ова го штити нашиот најважен орган од инвазивни патогени.

Меѓутоа, мината година научниците покажаа дека ова не е така и дека фактички лимфните садови биле скриени во менингите – слој од ткиво што го прекрива мозокот.

Brain-Blood-VesselsОва било откриено откако научниците под микроскоп ги проучувале менингите на глувци како целина, при што навистина се покажало дека се работи за лимфни садови – нешто што претходно научниците сметаа дека не е возможно.

Потоа во анестезирани глувци инјектирале боја за да можат да покажат како овие садови носат течност и имунолошки клетки од цереброспиналната течнот, покрај вените во синусите и во околните длабоки вратни лимфни јазли  – што е директна врска помеѓу имунолошкиот систем и мозокот.

Слични садови научниците исто така откриле при обдукција на човечки мозоци, но сѐ уште треба да се покаже како точно тие се организирани кај човекот и каква е нивната функција. Ова би можело да претставува клучот за третирање на голем број на болести – од шизофренија до Алцхајмер.

„Кај Алцхајмеровата болест постои акумулација на голем протеински отпад во мозокот. Ние сметаме дека тие се акумулираат во мозокот, бидејќи не се отстрануваат ефикасно преку овие садови“- вели Џонатан Кипнис од Универзитетот во Вирџинија.

Последните истражувања исто така покажале дека преку едноставно „исклучување“ на една молекула од имунолошкиот систем, може во голема мера да се влијае на однесувањето на глувците и тие да престанат да комуницираат со други глувци – што укажува на улогата на имунолошкиот систем и социјалните состојби како што е аутизмот.

„Ние веруваме дека за секое невролошко заболување кое има имунолошка компонета во себе, овие лимфни садови може да играат огромна улога“- додава Кипнис.

Иако има уште многу работа што треба да се заврши, а откривањето на новите лимфни садови отвора повеќе прашања отколку одговори, сепак е возбудливо сознанието дека можеби со ова се отвара сосема нов начин да им се пријде на состојбите поврзани со централниот нервен систем.

Поддржете ја нашата работа: