Научниците за прв пат овозможија директна комуникација помеѓу два мозока со помош на интернет

Ова е прв експеримент од ваков вид, кој покажува дека два човечки мозока можат да бидат директно поврзани и да му овозможат на едното лице да погоди што му е на ум на другото лице.

Технологијата комбинира невро-визуелизација и невро-стимулација за мозоците да комуницираат директно преку кодирање на нервите. Содржината од мозокот на испраќачот се извлекува од нервните сигнали, се дигитализира и потоа повторно се кодира во мозокот на примачот како предизвикана нервна активност.  Преку овој метод, учесниците во експериментот можеле да пренесуваат сигнали од нивните мозоци преку интернет и да си поставуваат прашања.

За експериментот биле потребни двајца, и се одвивал на следниов начин: Првиот учесник, кој требало да одговара на прашањата, имал капа поврзана со електроенцефалограф кој ја снимал мозочната активност. Потоа му бил покажан некој објект, на пример куче. Потоа, на вториот учесник, кој требало да поставува прашања, му била покажана листа на можни објекти и придружни прашања. Со еден клик на глувчето, вториот учесник му испраќал прашање на првиот, при што тој требало да го одговори прашањето со тоа што ќе се фокусира на едно од вкупно две LED светла (едното светло значело негативен одговор, другото позитивен). Потоа одговорот испраќал сигнал на интернет и го активирал магнетниот навој позади главата на вториот учесник, кај кој само позитивниот одговор создавал доволно силен стимул за да се активира визуелниот кортекс, при што тој гледал линија, бран или топче светлина.

 


Експериментот бил спроведуван во темни лаборатории оддалечени речиси 1,5 км. и биле вклучени 5 различни парови на учесници. Севкупно, учесниците го погодиле точниот објект во 72% од случаите.

„Овој вид на комуникација функционира така што се земаат сигнали од мозокот на едно лице, се преведуваат, и се ставаат во мозокот на друго лице“, вели Андреа Стоко, професор по психологија и истражувач од Универзитетот во Вашингтон.

Тимот на научници ќе продолжи да работи и да бара начин за испраќање на сигнали преку различни состојби на мозокот, како на пр. од едно будно лице на друго кое спие и слично.

Истражувањето е објавено во „PLOS ONE“.

Поддржете ја нашата работа: