Зголемената сеча на шумите за претворање во обработливо земјиште, до 2050 година би можела да предизвика изумирање на коалите во Нов Јужен Велс, Австралија – предупредуваат конзерваторите.
Според извештајот од Светскиот фонд за заштита на природата (WWF), научниците користеле сателитски снимки за мерење на забрзаната сеча на шумите за да дадат проценка за влијанието врз ранливите и загрозени видови.
“Австралискиот WWF проценува дека во Сојузната држава Нов Јужен Велс останале помалку од 20.000 коали, така што со тоа темпо, овој вид може да биде исчезнат до 2050 година”, вели конзерваторот на WWF, Стјуарт Блан.
“Мораме да ја запреме претераната сеча на шумите ако сакаме да ги одржиме живи коалите во дивината”, додава тој.
Извештајот е објавен на Светскиот ден на загрозените видови, по повод одбележувањето на смртта на последниот тасманиски тигар во зоолошката градина во Хобарт 1936та година.
Владата на Нов Јужен Велс негира дека уништувањето на шумите го загрозува природното живеалиште на коалите, за кои тврди дека се заштитени. Тие наведуваат дека новите истражувања покажуваат дека бројот на коалите во дивината е многу поголем отколку што претходно се мислеше.
Австралиската фондација за заштита на коалите, проценува дека ширум Австралија во дивината останале помалку од 100 000 коали, а можно е дури и околу 43 000. Нивниот живот е загрозен со губењето на природното живеалиште, напади од кучиња, пожари и сообраќајни несреќи.
Коалите се класифицирани како ранлива група поради губењето на природно живеалиште, меѓутоа од Фондацијата сметаат дека би требало да се класифицираат како критично загрозени, и наведуваат дека треба да се заштитат поголем број на живеалишта.