Нов, брз тест за Ебола

Овој тест наречен „ReEBOV Antigen Rapid Test Kit“, е развиен од Конзорциумот за вирусна хеморагична треска, кој е предводен од Универзитетот Тулан и дијагностичката компанија „Коргеникс“. За тестот се потребни само неколку капки крв, а работи на принцип сличен на домашните тестови за бременост.

Овој тест е прв и единствен од ваков вид што чека одобрение од Светската Здравствена организација (СЗО). Новиот тест ќе биде презентиран на Годишната средба на американската асоцијација за клиничка хемија.

Овој тест може да биде од суштинско значење да се запре ширењето на еболата што ја зафати западна Африка. Идентификацијата на сомнителните случаи на ебола во рок од неколку минути ќе им овозможи на здравствените работници да ги изолираат и третираат заболените многу побрзо, отколку што е можно во моментов.

Повеќе од 11.000 луѓе починале, откако во март 2014 година започна епидемијата на ебола. И покрај тоа што бројот на заболени опаѓа, силните мерки од меѓународната заедница не беа во можност во потполност да го потиснат вирусот. Првиот значаен успех во борбата со еболата беше постигнат во мај кога во Либерија – една од најпогодените со вирусот, СЗО прогласи дека нема ебола. Сепак, само два месеци после оваа победа, во земјата беа откриени нови случаи на болеста. Првиот случај бил 17-годишно момче, кој бил погрешно дијагностициран дека боледува од маларија. Пред да почине, тој бил во контакт со најмалку 102 лица, коишто можеле да бидат заразени од него. Овој случај на трагичен начин ја илустрира потребата од брз начин за прецизна идентификација на случаите на ебола, за да можат пацентите веднаш да го добијат потребниот третман и да се спречи понатамошното ширење.

Со новиот тест, резултатите се добиваат за 15 минути, а за споредба, со сегашниот златен стандард тест за ебола „qRT-PCR“, за дијагноза е потребен и цел ден.

„Сите три студии, нашата интерна студија, студијата на СЗО и една студија објавена во списанието „Lancet“, покажуваат дека брзиот тест може да обезбеди прецизност од над 90 проценти во комбинација со  „PCR“тестот. Со ова се потврдува дека овој тест може да се користи за да се добијат брзи резултати од пациентите, кои ќе можат подоцна да бидат потврдени со „PCR“ тестот. Ова претставува голем чекор напред во откривањето на еболата за оваа и за идните епидемии со ебола вирусот“ – вели Мат Боисен, програмски директор за инфективни болести во Коргеникс.


Поддржете ја нашата работа: