Нов рекорд за најбрз пренос на податоци

Истражувачите од Велика Британија поставија нов рекорд за најбрз пренос на податоци од неверојатни 1,125 терабити во секунда, со помош на оптички комуникациски систем.

За споредба, ова е речиси 50 илјади пати побрзо од просечната брзина на интернет конекцијата во Велика Британија која изнесува 24 мегабити во секунда и во моментов се смета за супер брза.

За да ви ја доловиме брзината преку пример, ќе кажеме дека тоа ќе овозможи преземање на сите серии на „Игра на тронови“ во HD за само 1 секунда.

Оптичките комуникациски системи овозможуваат супер брз пренос на податоци на тој нашин што испраќаат импулси светлина преку оптичко влакно, наместо да ја користат електричната енергија за преносот на информациите. На најосново ниво, потребен е предавател, како на пример диоди кои емитуваат светлина и го претвораат и пренесуваат електричниот сигнал во светлосен; и приемник кој го претвора светлосниот сигнал назад во електричен.

Клучниот елемент поради кој истражувачите успеале да постигнат таква неверојатна брзина е комбинацијата на 15 различни канали преку кои ги испратиле податоците, од кои секој пренесувал оптички сигнал од различна бранова должина. А кога информацијата стигнува до својата дестинација, сите тие се комбинираат во еден оптички приемник.

За подетални информации, прочитајте го истражувањето објавено во „Scientific Reports“.

Па, ова истражување ни покажува колку побрзо може да се пренесуваат информациите, но сепак за да може да се користи, истражувачите треба да пронајдат начин за да постигнат слични брзини при преносот на податоци на големи далечини, што не е лесно, со оглед на фактот дека оптичките сигнали лесно може да се прекинат доколку патуваат низ оптички влакна од илјадници километри.

Поддржете ја нашата работа: