Нова дрога, наречена „W-18“, од неодамна е забележана во САД и Австралија. Дрогата е 10 илјади пати појака од морфинот и се верува дека е излезена од лабораторија во Кина.
Се смета дека дрогата претставува синтетички опијат, сличен на хероинот, но многу посилен. Не може да се детектира во крвта и урината кај човекот, бидејќи сѐ уште не постои тест за нејзино откривање.
„W-18“ за првпат е развиена од истражувачите од Универзитетот Алберта во Канада пред повеќе од три децении, со намера да се користи како поефикасен аналгетик, но со помала моќ да создава зависност.
Како што пишува „The Washington Post“, лекот бил патентиран во САД и Канада во 1984 година, но поради неговата неверојатна јачина ниедна фармацевтска куќа не сакала да го произведува, па со време целата работа паднала во заборав.
Но, ова доспеало до хемичар од Кина, кој синтетичкиот опијат од потенцијален лек го претворил во евтина токсична дрога, која засега не е прогласена за нелегална.
Првите знаци за појава на оваа дрога се забележани кога полицијата во Канада во 2015 г. при една рација запленила 110 таблети, а во некои од нив била забележана супстанцијата.
Дрогата се споредува со фентанил, нов опијат кој се поврзува со 655 смртни случаи во Канада помеѓу 2009 и 2014 година – но се проценува дека „W-18“ е 100 пати појак.
Додека во Шведска во јануари дрогата е прогласена за нелегална, САД, Канада и Австралија сѐ уште не можат да се справат со овој проблем. Како што известува „The Washington Post“, неодамна, лице од Флорида во чиј дом биле откриени 1,1 кг „W-18“ било осудено на 10 години затвор, заради шверц на фентанил од Кина, но не бил обвинет за поседување на дрогата бидејќи во САД сѐ уште не е прогласена за нелегална.
Според медицинските експерти, уште позагрижувачко е тоа што – бидејќи фармацевтските компании не биле заинтересирани, ефектите од „W-18“ биле испитувани само на глувци.
Како што пишува „Forbes“, според еден дипломиран студент, кој некогаш работел на истражувањето на дрогата, кога на глувците им била дадена дрогата во доза слична колку еден аспирин „глувците стоеле мирно една минута, после што паднале во несвест и останале онесвестени цели пет дена. Кога се разбудиле, изгледале сосема во ред, освен што биле гладни и жедни“.
Засега, никој со сигурност не знае што „W-18“ предизвикува во човечкиот организам, колкава му е моќта за создавање на зависност, или какви несакани ефекти може да има. Иако експертите ја проценуваат неговата потентност во однос на хероинот и фентанилот, реалноста е дека од 1980-тите години не постајат никакви релевантни научни податоци за оваа супстанција.