Нови чудни откритија за атмосферата на Венера

Токму кога ја заборавивме втората најблиска планета до Сонцето, со оглед на тоа што Планетата Девет ни го одзема целото внимание, една стара напуштена сонда ни обезбеди чудни податоци за атмосферата на Венера.

Оваа сонда на Европската вселенска агенција беше лансирана во 2005 година и помина 8 години во вселената собирајќи информации за Венера, се’ до ноември 2014 година кога научниците ја загубија контролата и иако се’ уште имаа сигнал, податоците не можеа да се префрлат, со што ја прогласија мисијата за завршена.

Сега, конечно се префрлиле последните информации од сондата пред да се исклучи и има прилично изненадувачки снимки.

Снимките покажуваат дека поларната атмосфера на Венера е многу постудена и со многу помала густина отколку што претходно мислевме, и во овие региони доминираат атмосферски бранови кои досега никогаш не биле измерени на Венера.

Имено, поларните области на Венера имаат просечна температура од -157 степени Целзиусови, што е постудено од која било точка на Земјата и околу 70 степени пониско отколку што претходно се мислеше. Ова е прилично изненадувачки со оглед на позицијата на Венера како нажешката планета во Сончевиот систем.

Сондата исто така откри дека атмосферата на планетата е со 22 до 40 проценти помала густина во поларните региони од очекуваното. Научниците сметаат дека тоа може да се должи на поларните вртлози, одосно силни ветерни системи кои се наоѓаат во близина на половите на планетата. Атмосферските ветрови може да ја прават структурата на густина истовремено покомплицирана и поинтересна.

Покрај тоа, во овие региони доминираат силни атмосферски бранови, кои се однесуваат како бранови во езеро, но патуваат вертикално наместо хоризонтално. Се смета дека овие бранови имаат големо влијание на атмосферата на планетата, вклучувајќи ја и онаа на Земјата, но досега тие никогаш не биле измерени на Венера.

Она што ги прави овие откритија уште поинтересни е фактот дека се направени со инструменти кои не се наменети за набљудување на атмосферата.

Новите откритија се објавени во „Nature Physics“.

Поддржете ја нашата работа: