Ново истражување кое е клучно за Алцхајмеровата болест

Новото истражување покажува дека и после адолесценцијата, човечкиот мозок создава неврони, иако досега универзалното мислење беше дека после пубертет не можат да се генерираат нови нервни клетки.

Едно ново истражување од Универзитетот во Колумбија кое е објавено во списанието Cell Stem Cell укажува како во хипокампусот и во текот на подоцнежните години од животот се создаваат неврони. Хипокампусот е дел од мозокот кој е важен за меморија, когнитивни способности и емоции.

Токму заради верувањето дека после одреден дел од животот не се генерираат нови неврони, се сметаше дека младите полесно учат јазици, имаат подобра меморија и побрзо ги обработуваат информациите.

Научниците проучиле 28 примероци од мозок на мртви луѓе кои починале на возраст од 14 до 79 години. Општо познато е дека неврогенезата, или облик на позитивно физиолошко трансформирање на мозокот, кој што подразбира ново образување неврони од прогениторните и невралните матични клетки, со текот на годините се успорува и кај цицачите и кај приматите.

Сепак, Маура Болдрини, автор на ова истражување, вели дека пронашле докази кои тврдат дека и постарите лица имаат можност за генерирање на илјадници нови неврони при што со текот на времето не се намалува волуменот на хипокампусот.

Заклучокот на студијата е дека продолжувањето на неврогенезата во хипокампусот на возрасни лица е доста редок феномен, но може да биде од исклучителна корист за откривање на терапија за невролошки состојби како што е Алцхајмеровата болест. Освен невроните, за кои најмногу знаеме, постојат други клетки од кои зависи правилното функционирање на мозокот.

За целосно разбирање на неврогенезата, потребно е знаење за бројот на новонастанатите клетки, различноста и нивната интеграција во постоечките нервни групи.

Самиот број на клетки без знаење за нивната функција не може да биде доволен. Авторите ги наведуваат разликите во невропластичноста, што значи, иако постојат нови клетки кај помладата и кај постарата популација, кај младите се пофлексибилни и полесно се вклопуваат во постоечката околина.

Во новото истражување, главна улога одиграла атомската бомба, поточно радиоактивен изотоп на јаглерод – јаглерод 14, кој научниците го искористиле за да докажат дека еден дел од мозокот кој се наоѓа во внатрешноста на хипокампусот навистина создава неврони во текот на целиот човечки живот.

Во текот на тестирањето на атомската бомба помеѓу 1945та и 1963та година, радиоактивните честички се испуштени во атмосферата, а помеѓу нив и јаглерод 14 кој се вградил во човековите клетки, односно за време на клеточната делба тие го кодираат јаглеродот од околината.

Поддржете ја нашата работа: