Откриен досега најголемиот сончев систем

Тим на астрономи од САД и Австралија откриле дека планетата која досега се сметаше за осамена планета, орбитира на оддалеченост од околу 1 трилион километри (1 милион милиони) од своето сонце.

Планетата која се нарекува „2MASS J2126–8140“ и нејзиното сонце наречено „TYC 9486–927–1“ се откриени минатата деценија, но поради огромната оддалеченост помеѓу нив, никој не сметал дека тие се поврзани. „2MASS J2126–8140“ е гасна планета со маса околу 12 до 15 пати поголема од масата на Јупитер и се наоѓа на оддалеченост од околу 100 светлосни години од Земјата.

Растојанието на оваа планета од нејзината ѕвезда е 7.000 пати поголемо од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето и околу 140 пати поголемо од оддалеченоста на Плутон од Сонцето. Тоа претставува најшироката орбита што една планета ја прави околу својата ѕвезда (околу три пати поголема од досега најголемата откриена). На сликата подолу може да се видат некои споредби.

lonely2

Ова огромно растојание – што е еднакво на 6.900 Астрономски единици, значи дека на планетата и се потребни 900.000 години за да направи само еден круг околу своето сонце „TYC 9486–927–1“.

Преку „Литиумскиот печат“, истражувачите пресметале  дека староста на „TYC 9486–927–1“ изнесува помеѓу 10 милиони и 45 милиони години. Ова би значело дека планетата „2MASS J2126–8140“ досега целосно се свртела околу своето сонце помалку од 50 пати.

Иако е малку веројатно дека на „2MASS J2126–8140“ има живот, според истражувачите, заради огромното растојание, сонцето од планетата би изгледало како уште една светла ѕвезда на небото, што значи дека било каква форма на живот на планетата не би зависела од сонцето.

Истражувачите ја откриле поврзаноста на овој пар откако извршиле споредба на нивните движења во вселената и заклучиле  дека планетата и сонцето се движат заедно.

„Беше изненадување да откриеме објект со толку мала маса да биде толку оддалечен од својата матична ѕвезда. Не постои начин овој систем да се формирал на ист начин како и нашиот сончев систем – од голем диск од прашина и гас“- вели Симон Марфи, еден од астрономите од Австралискиот Национален Универзитет. Тие мора да опстојувале во не многу густа средина, бидејќи нивната врска е толку кревка, што која било блиска ѕвезда би ја прекинала нивната орбита, вели Марфи.

Наодите се објавени во „The Royal Astronomical Society“.

Поддржете ја нашата работа: