Астрономите откриле нов тип на галаксии наречени „супер-спирали“ кои се многу слични на нормалните спирални галаксии, но се со огромна величина и всушност претставуваат едни од најголемите и најсветлите објекти во Универзумот.
Според истражувачите од Центарт за анализа при Институтот за технологија во Калифорнија, новооткриените супер спирали се 8-14 пати посветли од Млечниот Пат, поседуваат 10 пати поголема маса, создаваат 30 пати повеќе ѕвезди и се со широчина од 440.000 светлосни години. За споредба, нашата галаксија е широка само 100.000 светлосни години.
До овие наоди истражувачите дошле преку анализа на податоците од „NASA/IPAC“ – екстрагалактичката база на податоци, како и од онлајн базите на податоци за преку 100.000 галаксии од многубројните истражувачки центри низ светот.
Иако очекувале дека најсјајните галаксии ќе бидат елиптичните, истражувачите биле изненадени кога од 800.000 галаксии кои ги испитувале се покажало дека наместо елиптичните, најсјајни се спиралните галаксии.
За да ги потврдат наодите тие измериле на која оддалеченост од Земјата се наоѓа секоја спирала, за да се уверат дека тие не изгледаат големи само затоа што се поблиску од другите.
Досега никој не обрнал внимание на овие слики, бидејќи се претпоставувало дека спиралните галаксии не би требало да бидат толку масивни и дека тие изгледаат поголеми само затоа што се поблиску од другите.
Меѓутоа, новите истражувања покажале дека тие галаксии се наоѓаат на многу голема оддалеченост, па според тоа и нивната големина е огромна.
Според истражувачите, откривањњето на „супер спиралите“ може фундаментално да го смени нашето сфаќање за формирањето и еволуцијата на најмасивните галаксии и има уште многу да се научи од овие новооткриени галактички објекти.
Наодите се објавени во „The Astrophysical Journal“.