Стивен Јасински, докторант на Факултетот за уметности и науки при Универзитетот во Пенсилванија го открил примерокот додека истражувал примероци кои биле поврзани со претходно познат вид. Неговата анализа укажува дека фосилот – дел од черепот на диносаурусот, претставува сосема нов вид кој тој го нарекол „Saurornitholestes sullivani“. Тој ги претставил своите откритија овој месец во Природонаучниот музеј во Ново Мексико.
Примерокот, стар околу 75 милиони години, бил првично откриен од палеонтологот Роберт Саливан во Ново Мексико во 1999 година. Тогаш, научниците сметале дека е дел од „Saurornitholestes langstoni“ – вид на тероподи од семејството „Dromaeosauridae“ кое било пронајдено во денешна Алберта, Канада.
Но, кога Јасински започнал компаративна анализа на примерокот со други примероци од „S. langstoni“, забележал суптилни разлики. Имено, забележал дека површината на черепот која се однесува на пределот за мирис е невообичаено голема. Тоа укажува на моќно чувство за мирис, што значи дека новиот вид на диносаурус најверојатно поседувал подобро чувство за мирис од останатите диносауруси во тоа семејство, вклучувајќи го и Велосирапторот, Бамбирапторот и Дромаосаурусот. „Иако не е голем диносаурус, чувството за мирис би го направило застрашувачки предатор.“, вели Јаснински.
„Saurornitholestes sullivani“ живеел во доцниот период Креда. Во тоа време, Северна Америка била поделена на два континента одделени со внатрешно море. Овој диносаурус живеел на западниот брег, во областа наречена Ларамидиа.
Разликите помеѓу „„Saurornitholestes sullivani“ и „Saurornitholestes langstoni“ дополнително укажуваат на постоењето на разлики помеѓу диносаурусите што живееле во северните и јужните делови на Северна Америка.