Научниците идентификуваа потенцијално нов кандидат за планета кој орбитира околу својата ѕвезда на одалеченост од 1.100 светлосни години од Земјата.
Овој новооткриен кандидат е наречен „PTFO8–8695 b“ и неговата екстремна близина до својата ѕвезда го става во опасна ситуација.
Имено, за орбитата на овој „жежок Јупитер“ (термин за жешки планети со голема маса и кратки орбитални периоди) се потребни само 11 часа и научниците сметаат дека полека ги губи своите надворешни слоеви, поради близината, односно гравитацијата на својата матична ѕвезда. Научниците не знаат колку брзо оваа планета ќе ја изгуби својата маса и дали ќе изгуби премногу за да преживее.
„Неколку познати планети имаат слична мала орбита, но оваа ѕвезда е стара само 2 милиони години, што ја прави еден од најекстремните примери“, вели астрономот Кристофер Џонс-Крул од Универзитеот Рајс.
Официјалниот статус на планета се’ уште не е научно потврден бидејќи научниците немаат мерка на нејзината маса, но според опсервациите тие сметаат дека ова е една од најмладите планети откриени досега.
Наодите од ова истражување се прифатени и ќе бидат објавени во „The Astrophysical Journal“.