Најпрво да разјасниме дека ветровите во вселената не се исти како ветровите на Земјата, кои се резултат на движењето на воздушната маса како резултат на разликите во притисокот и температурата на површината.
Кога се вели ветрови во вселената се мисли на енергијата, како на пример млазовите од плазма што ги исфрлаат ѕвездите, како што е нашето Сонце, кои стануваат моќни (и смртоносни) соларни ветрови.
Постои уште еден вид на ветер во вселената, а тоа е квазар ветерот кој научниците за прв пат го детектираа во 1960-тите години и оттогаш открија дека го произведуваат црните дупки, односно квазарите или огромните дискови на топол гас кои се формираат околу супермасивните црни дупки.
Во центарот на речиси секоја галаксија, вклучувајќи го и нашиот Млечен Пат, постои супермасивна црна дупка која насилно ги растргнува сите ѕвезди, планети, камења и прашина кои ќе и се најдат на патот. Дисковите од топол гас околу црните дупки може да пораснат поголеми од орбитата на Земјата околу Сонцето и да бидат потопли од површината на Сонцето. Тие се најсветлите објекти кои се познати на науката, бидејќи оддаваат интензивни протоци на фотони како резултат на целата материја што црната дупка ја проголтува, па така научниците можат да ја детектираат светлината што тие ја емитираат.
Црните дупки може да имаат милијарда пати поголема маса од онаа на Сонцето, бидејќи ги проголтуваат сите материи кои премногу ќе им се доближат. Но, како што материјата се движи кон црната дупка, дел од неа е издуван од топлината и светлината на дисковите. Токму тоа се ветровите кои научниците ги детектираат.
Овие ветрови имаат неверојатни брзини и се особено важни за формирањето на галаксиите, па токму поради тоа се важни и за научниците. Доколку не би постоеле, галаксиите би имале многу повеќе ѕвезди отколку што имаат сега.
Сега, астрономите ги открија најбрзите ултравиолетови ветрови во Универзумот околу супермасивна црна дупка, со брзина до 200 милиони километри на час.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.