Од 2004 година, летало Касини на НАСА орбитира околу Сатурн за да ги проучува месечините и прстените на планетата, со помош на низа комплексни инструменти. Еден од нив е и анализаторот за прашина дизајниран да собира честички исфрлени при ерупциите од површината на неговата месечина Енцелад.
Иако ова се стандардни работи што ги извршува леталото, НАСА објави дека леталото успеало да собере 36 зрна од меѓуѕвездена прашина што потекнува надвор од Сончевиот систем. Честичките се движеле со брзина од приближно 72 000 км/час, што е доволно брзо да можат да ја избегнат гравитацијата од Сонцето.
Според истражувачите, ова не е првпат да се открие меѓуѕвездена прашина која лебди околу Сончевиот систем. Во 1990 гдина мисијата „Ulysses“ открила докази за постоење на надворешна прашина која според истражувачите потекнувала од еден меѓуѕвезден облак.
Овојпат, астрономите се во можност да го користат Касини за анализа на честичките на самото место и да откријат од што се составени. Се покажало дека честичките се составени од „елементи кои ги формираат карпите“ – најмногу магнезиум, силициум, железо и калциум, кои се останати после смртта на некоја далечна ѕвезда.
Сепак, она што најмногу изненадува при ова откритие е фактот што честичките имаат сличен хемиски состав кој е уникатен во споредба со другите честички откриени на метеорите.
Како се случило ова, сѐ уште е предмет на истражување, но научниците сметаат дека зрнцата се формирале од ѕвезда што умира која ги кондензирала при секој ударен бран. Ова значи дека честичките веројатно биле уништени и повторно формирани неколку пати, со што секој пат станувале поуниформни.
Тимот на Касини очекува дека леталото ќе продолжи да собира примероци од меѓуѕвездена прашина со што ќе може да се продлабочи нашето рабирање за надворешниот Универзум.
Истражувањето е објавено во „Science“.