Откриена најдлабоката подводна пештера на светот

Истражувачите во Чешка целосно ја завршија експедицијата во подводната пештера „Hranická Propast“ (или Храничка бездна) и за прв пат после незиното откривање во 1999 година, потврдија дека се работи за најдлабоката подводна пештера на Земјата.

Тимот предводен од познатиот чешки нуркач Кристоф Старнавски, успеал да стигне до длабочина од 404 метри, со помош на далечински управувано возило, што значи дека оваа варовничка пештера е за 12 метри подлабока од втората најдлабока подводна  пештера – италијанската „Pozzo del Merro“.

Последнава експедиција, која е делумно финасирана од „National Geographic“, е дел од повеќе од двегодишни нуркачки истражувања. Во 2014 година, Старнавски сметал дека стигнал до дното на пештерата кога достигнал длабочина од 200 метри.

Според извештајот на „National Geographic“, во понатамошните истражувања Старнавски наишол на екстремно тесен отвор кој водел кон огромен, темен, вертикален тунел, кој се обидел да го истражи со сонда, но заради недоволната должина на сондата, стигнал до длабочина од 384 метри.

Во 2015 година, Старнавски направил уште едно нуркање во пештерата и забележал дека отворот се проширил и тој успеал да преплива низ него. Во внатрешноста на темната бездна тој стигнал до длабочина од 256 метри, од каде пуштил друга сонда која стигнала до цврсто дно на длабочина од 370 метри – веројатно допирајќи до паднат отпад.

При последната експедиција мината недела, тимот успеал целосно да ја истражи пештерата со помош на далечински управуваното возило и да верификува дека навистина се работи за најдлабоката позната подводна пештера во светот, допирајќи до длабочина од 404 метри.

„Возилото што достигна до 404 метри има уред за мерење длабочина што е тестиран и сертифициран од нашата државна комисија, така што сме 100 проценти сигурни дека мерењето е прецизно“ – вели Старнавски за „National Geographic“.

Иако тимот е сигурен дека ова е најдлабоката досега позната подводна пештера во светот, сѐ уште постојат многу работи што треба да се проучат. Се смета дека варовничките отвори се формирале како резултат на избивањето на топла минерална вода богата со јаглероден диоксид, која со време, полека ги формирала тунелите, но потребни се дополнителни истражувања за да може целосно да се разбере процесот на формирање.

„Веројатно постојат само три вакви пештери во светот. Ништо не е типично кај оваа пештера, со секое нуркање откиваме  нешто ново “ – вели Старнавски.

Подолу во видеото може да го погленете нуркањето на Старнавски во пештерата  од минатата година.

Поддржете ја нашата работа: