Научниците открија џиновска галаксија која орбитира околу нашиот Млечен Пат. Галаксијата, која научниците ја нарекоа Кратер 2, се наоѓа на оддалеченост од околу 400 илјади светлосни години и веќе ја доби титулата на 4-тата најголема галаксија која орбитира околу нашата.
Па како е можно една толку голема галаксија да не е забележана досега?
Научниците објаснуваат дека таа отсекогаш постоела и орбитирала околу нашата галаксија, но нејзините ѕвезди се толку дифузни што ја прави исклучително темна, па на некој начин била замаскирана од другите соседни посветли галаксии. Всушност, ова е една од најтемните галаксии кои досега се откриени во Универзумот.
„Ова е навистина многу ретко откритие“, вели главниот истражувач Василиј Белокуров од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија. „Една ваква галаксија е некој вид на невидлив објект“.
Колку што досега знаеме, околу Млечниот Пат орбитираат 49 други галаксии, но ова истражување сугерира дека можеби постојат и други темни галаксии кои останале скриени.
Галаксијата Кратер 2 за прв пат беше забележана во јануари, кога астрономите со помош на компјутерски алгоритам ги анализирале сликите од Големиот телескоп во Чиле, барајќи региони со необично групирање на ѕвездите. Еден од тие региони е всушност оваа галаксија.
Според досегашните анализи, галаксијата има дијаметар од околу 7 илјади светлосни години, што значи дека кога би можеле да ја видиме на небото би била двојно поголема од Месечината, но секако потемна со оглед на распространетоста на ѕвездите.
Илустрацијата подолу покажува како би изгледала кога би била 1000 пати посветла, во однос на Месечината за споредба.
Во последните 10 години, бројот на познати галаксии кои орбитираат околу нашата речиси двојно се зголемил, што укажува на тоа дека имаме уште многу да учиме за галаксиите кои орбитираат околу нас.
Научниците сметаат дека е можно Кратер 2 да припаѓа на мала група галаксии, но ќе продолжат со истражувања со надеж дека можеби ќе откријат и нешто повеќе за еволуцијата на нашата галаксија. Во секој случај, едно нешто е јасно – кога станува збор за вселената, се’ уште имаме многу да учиме!
Истражувањето е објавено во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.