Еден од наједноставните аспекти на физиката е дека се’ во универзумот е контролирано од четири фундаментални (основни) сили: електромагнетни сили, јаки и слаби нуклеарни сили и гравитација. Но, сега, научниците сметаат дека откриле докази за мистериозна петта сила на природата.
Четирите фундаментални сили на природата се основен дел од стандардниот модел на физиката, кој го објаснува однесувањето и честичките во универзумот. Гравитацијата ги држи планетите заедно, а гравитацијата и електромагнетните сили ги држат молекулите заедно. Јаките нуклеарни сили претставуваат лепак за атомските јадра, а слабите нуклеарни сили го помагаат радиоактивното распаѓање на некои атоми. Овие сили, повеќе или помалку, ја објаснуваат физиката која можеме да ја забележиме.
Но, стандардниот модел на физиката не може да ја објасни темната материја (невидливата супстанца која се смета дека сочинува повеќе од 80% од масата на Универзумот), па затоа научниците во текот на последнава декада се во постојана потрага по нови сили на природата. Теоретичарите предлагале различни егзотични честички-носители на тие сили, како што се на пример т.н. темни фотони кои би можеле да носат нова сила која би можела да ја објасни темната материја (како аналогија на конвенционалните фотони кои ја носат електромагнетната сила).
Како што известува „Nature“, тим на научници од Унгарската академија на науките уште минатата година биле во потрага по вакви темни фотони, но се чини дека откриле нешто сосема друго, односно докази за постоење на петта сила. Тие спровеле експерименти при кој судриле протони со литиум-7 и забележале нов супер лесен бозон кој бил само 34 пати потежок од електронот. Но, нивното истражување било занемарено се досега, кога еден англиски тим ги објавил своите анализи на овие податоци и посочил дека тој нов бозон може навистина да ја носи петтата фундаментална сила.
Ова истражување се’ уште не е рецензирано, па затоа не треба премногу да се возбудуваме, но е објавено на интернет за другите физичари да можат да ги анализираат резултатите, да додадат свои заклучоци и да се обидат да го потврдат ова откритие. Доколку навистина се потврди, тоа ќе значи дека ќе треба да го преиспитаме нашето разбирање за тоа како универзумот всушност функционира.