На полуостровот Јукатан во Мексико, помеѓу Карипското Море и Заливот на Мексико, густата тропска шума е преполна со дупки наречени сеноти, каде што варовникот се распаднал изложувајќи ги на отворено подземните води.
Една од најпознатите неверојатни дупки во тој регион е сенотата „Ангелита“, која содржи посебна подземна река што тече околу 30 метри под површината. Оваа река, каде што солената вода се сретнува со слатката, е прекриена со дебел облак на водород сулфид, кој е смртоносен доколку го вдишиме.
Лоцирана во близина на Тулум – античкиот град на Маите, на источниот брег на полуостровот Јукатан, сенотата „Ангелита“ или „мал ангел“ на површината изгледа сосема нормално.
Таа изгледа како длабок, мирен базен на свежа вода, опкружен со вегетација, но доколку нурнете надолу околу 30 метри ќе наидете на нешто чудно – маглива река која тече самостојно низ чистото и мирно опкружување.
Облакот од водород сулфид – безбоен, токсичен гас кој мириса на расипано јајце- се протега на повеќе од 3 метри и тоа го прави нуркањето исклучително тешко.
„Откако ќе навлезете во облакот, започнува „ноќно“ нуркање и треба да ги користите батериските лампи. Имате само неколку минути над слојот пред да треба повторно да почнете да се движите во нагорна линија. Тоа е еден непријатен пејсаж, со скаменети дрва кои излегуваат надвор од облакот. Маите верувале дека сенотите биле портал на подземјето, и по посетата на ова, можам да разберам зошто сметале така“ – објаснува канадскиот снимател Мајк Кори на неговата страница на „YouTube“.
Тој признава дека ова е најверојатно едно од најнапредните нуркања кои тој досега ги направил, и дека нуркачите ги фаќа паника кога ќе навлезат во магливиот слој и не можат да видат ништо.
Па, како всушност овој облак од токсичен гас се појавил таму првично?
Сенотите се исполнети и со слатка и со солена вода, бидејќи кога варовникот тоне тој создава голем резервоар каде што ново-изложената слатка подземна вода се среќава со солената вода која се влева од океанот преку подземен канал.
„Исто како што се случува со маслото и водата, слатката вода ќе лебди над погустиот слој на солена вода, и таму каде што се мешаат ќе се формира слој на соленкаста вода наречена халоклин“ – објаснува Џенифер Берглунг за „Discover Magazine“.
„Додека слатката и солената вода се бистри, халоклинот се појавува како замаглено дефинирано течно тело кои се бранува во внатрешноста на водата“ – додава таа.
Овој слој делува како една бариера, ги спречува листовите од околната шума, заедно со пластичните ќеси, конзерви и други отпадоци – да потонат во погустата солена вода. Заедно со остатоците, горниот слој на слатка вода содржи повеќе кислород од солената вода подолу и поддржува сосема различни форми на живот.
Понекогаш, кога голем дел од вегетацијата и органската материја ќе навлезат во дупката, гнилежот и разложувањето може да предизвикаат дебел облак на водород сулфид, како што може да се види во сенотата „Ангелита“.
Погледнете уште едно видео од „TecdiveTV“: