Научниците со децении трагаат по потеклото на некои од најпознатите благородни метали на Земјата, како златото, среброто и платината. За ваквите тешки и вредни елементи е потребно големо количество на енергија за да се произведат и досега никој не можеше да објасни како тие се појавиле во Универзумот.
Научниците сега открија дека древна џуџеста галаксија наречена „Reticulum II“ има ѕвезди кои содржат неверојатни количества на овие метали, што конечно би можело да ја разреши оваа мистерија.
Оваа галаксија беше откриена минатата година и се наоѓа на оддалеченост од 98 илјади светлосни години од Земјата. Орбитира околу Млечниот пат и воедно е една од најблиските џуџести галаксии кои досега се откриени. Се смета за еден од најдобрите кандидати за детектирање на фамозната црна материја, а сега се чини и како најдоброто место за да откриеме како настанале некои од нашите омилени елементи.
Научниците ја анализирале ѕвездената светлина на некои од најсветлите ѕвезди во галаксијата, со помош на телескопите Магелан во опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле и откриле дека тие содржат големи количества на благородни метали кои во никој случај не би можеле самостојно да се формираат.
Уште во 1957 година физичарите покажале дека е потребен некаков вид на брзо заробување на неутроните за првично да се формираат овие елементи и дека најверојатно некаде во Универзумот постои такво место со екстремни услови и огромни количини на неутрони каде што би можеле да се формираат. Најдобрите кандидати за тоа би биле експлозии на џиновски ѕвезди и ретки спојувања на неутронски ѕвезди (најгустите ѕвезди во универзумот). Но, немало докази за да се докаже ова, па така целиот процес останал мистерија.
Сега научниците знаејќи дека судирите на неутронските ѕвезди се чести во раните фази на џуџестите галаксии како „Reticulum II“ – која сега е преполна со вакви елементи, овозможуваат понатамошни докази кои укажуваат дека научниците од 1957 година биле во право.
Судирите, односно спојувањата на неутронските ѕвезди најверојатно се одговорни за најголемиот дел од скапоцените материи, кои ги нарекуваме елементи од „р-процес“, низ универзумот.
Па како сето злато, сребро, ураниум, олово, платина и други елементи од р-процесот завршиле на Земјата? Научниците сметаат дека тие биле создадени во експлозии на неутронски ѕвезди во џуџести галаксии, при што се вградиле во ѕвезди или астреоиди во тоа време и потоа се пренеле на нашата планета.
Интересно за размислување е тоа што целото првично злато на Земјата потонало во центарот, бидејќи Земјата била стопена. Тоа значи дека сето злато што денес се наоѓа на површината или во близината на површината на Земјата потекнува од удари на астероиди.
Резултатите од истражувањето се објавени во „Nature“.