Откриени коските на Мона Лиза?

Тимот е сигурен дека мистериозната жена на портретот на Леонардо да Винчи е Лиза Герардини, но по неколку години на истражувања на скелетите ископани од Тосканскиот град, тие имаат само мало дел од бутната коска кој би можел да одговара – но дури и тој е премногу оштетен за да се тестира ДНК.

Родена во 1479 г, Герардини била сопруга на Франческо дел Џокондо, трговец со свила. Се верува дека тој побарал од да Винчи да наслика портрет од неа во 1503 г. – оној што сега се наоѓа во музејот Лувр во Париз.

Герардини ги поминала своите последни години како вдовица во еден манастир во Фиренца, каде што починала, и најверојатно, била закопана во 1542 г.

Истражувачите започнаа со ексхумација во 2011 г. со надеж дека ќе ги пронајдат нејзините остатоци, ископувајќи десетина во тој процес. Иако првите осум се добро сочувани, тестовите за јаглеродно датирање покажаа дека тие се премногу стари за да бидат на Мона Лиза.

Другите четири се пронајдени во заедничка гробница која се употребувала до 1545 г, и јаглеродното датирање покажа дека една особа од тие што биле закопани таму – од која останале само фрагменти од бутната коска, коленото и глуждот –живеела во ист период со Герардини.

Историчарот  Силвано Винчети кој го води истражувањето вели дека тоа е „собир на елементи, од антрополошки испитувања до историски документи, коишто ни овозможуваат да заклучиме дека остатоците најверојатно и припаѓаат на Лиза Герардини“.

Сепак, оваа хипотеза не може да се докаже со помош на ДНК анализи бидејќи местото каде што биле погребани е толку влажно што придонело за влошување на состојбата на скелетите во текот на вековите, правејќи го ваквото испитување невозможно.

Исто така, поради недостаток на череп, тимот мора да се откаже од својот план да се обиде да го реконструира лицето за да се спореди со она што го насликал да Винчи.

И додека отсуството на конкретни докази може да ги разочара оние кои се надеваа дека конечно ќе го потврдат сопственикот на најзагадочната насмевка во историјата, може сепак да ги развесели оние уметнички „душкала“ кои веруваат дека моделот на да Винчи за Мона Лиза бил машко – или пак дека итрата насмевка е насликана бидејќи сликата претставува автопортрет.

Поддржете ја нашата работа: